Бесими: Остануваме посветени на одржливи политики за задржување висок степен на макроекономска и фискална стабилност    

11

Реализација на реформите што го поддржуваат стабилниот развој на финансискиот систем, а со цел задржување на високиот степен на макроекономска и фискална стабилност е еден од главните приоритети на Владата на РС Македонија и Министерството за финансии. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими на отворањето на 21-вата Годишна конференција на  Македонската берза на хартии од вредност на која истакна дека се соочуваме со голем број предизвици во услови на различни кризи, но посветено се работи на интегративни процеси, скрининг процесот со Европската Унија и реформи кои ќе овозможат континуиран и забрзан раст.

„Живееме во периоди на криза особено во последните години. Се соочуваме со економски предизвици  низ кои мора да имаме брзи и ефикасни одговори, а во исто време да ги поддржиме долгорочните определби. Затоа и приватниот сектор и ние носителите на политики треба да подготвиме политики што ќе бидат одржливи и да реагираат на кризите, но притоа да не се заборават реформите и развојот“, истакна Бесими.

Додавајќи дека се преземаат мерки во однос на обезбедување фискална и макроекономска одржливост, рече дека се работи на нов концепт на даночни реформи, донесен е Закон за буџети, но дека се работи во делот на развојот на финансиските пазари, нови закони во однос на воведување финансиски друштва, нови фондови, како и Стратегија за развој на финансиските пазари што е долгорочна стратегија што ќе значи поголем пазар, поуспешен пазар и покрај светските проекции дека оваа година ќе биде тешка, но следната година согласно геостратешките движења на светско ниво и во европскиот пазар да гледаме на еден друг тренд во однос на растот.

Министерот порача дека остануваме сериозен партнер на Берзата во делот на развојот на регулативата на финансиските пазари.  „Најголем износ на тргување со обврзници се државните обврзници на Берзата. Оваа година Министерството за финансии објави уште една обврзница за денационализација од шест милиони евра, а  согласно закон наредната година се очекува издавање на уште една обврзница за денационализација, рече министерот.

Тој се осврна и на новите финансиски инструменти, како што се зелени обврзници, развојни обврзници, обврзници индексирани со инфлацијата, како и обврзницата без каматна стапка која што е уште во фаза на анализи и обработка, а всушност би била за повлекување на кешот од стопанството од времето на транзицијата па наваму.

Министерот потенцира дека за финансиските пазари значаен е и евроинтегративиниот процес на РС Македонија.

„Членството во НАТО како и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија придонесоа за позитивен сигнал од меѓународните финансиски пазари. Во текот на наредната година се очекува да завршат скрининзите, со кои се врши континуирано усогласување на националното законодавно со законодавството на ЕУ во делот на внатрешниот пазар и финансиската регулатива, рече министерот за финансии.

На Годишната конференција во организација на Македонската берза на министерот Фатмир Бесими му беше врачена плакета за успешна соработка на Министерството за финансии со Македонската берза.