Бесими оствари средба со високи претставници на Трезорот на САД: МФ ќе соработува со Трезорот на САД во подобрување на ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на јавните финансии

60

САД ја поддржува брзата интеграцијата на РС Македонија во ЕУ, при што, како сојузници во НАТО, двете земји ќе работат на заеднички проекти што се од големо значење за унапредување на соработката.

Воедно САД, преку Канцеларијата за техничка помош на Трезорот на САД (ОТА), ќе понуди техничка помош во зајакнувањето на управувањето со јавните финансии, ефикасноста, транспарентноста, отчетноста на јавните финансии.

Ова беа заклучоците од состанокот на министерот за финансии, Фатмир Бесими со вршителот на должност заменик-помошник секретар за Европа и Евроазија, Брајан Меколи, советникот на секретарот на Трезорот на САД Брент Ниман и

Вилијам Лари Мекдоналд заменик помошник на секретарот за техничка поддршка во Тезорот.

Бесими на средбата истакна дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и на развојот на регионот. Притоа, активниот ангажман на САД по ова прашање би бил од клучно значење.  Воедно се разговараше и за можноста од продлабочување на економската соработка и реализација на нови проекти кои би се реализирале во соработка со УСАИД и со Амбасадата на САД во земјава.

Двете страни се согласија дека во моментов клучно е решавањето на енергетската криза и одржувањето ценовна стабилност како клучни фактори за обезбедување макроекономска и финансиска стабилност.

Претходно министерот Бесими, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, оствари средба и со Габриел Ескобар,  заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан.