Бескаматни кредити од 31 милион евра за микро и мали компании, трговци поединци и занаетчии

58

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска на заедничка прес-конференција со ЕУ амбасадорот, Дејвид Гир и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, изврши промоција на новата, трета по ред бескаматна кредитна линија Ковид 3, којашто од денеска станува достапна за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, а со која на располагање се ставаат 31 милион евра.

“Би сакал да се заблагодарам на Европската Унија, која преку механизмот EU4Resiliance од ИПА програмата обезбеди 30 милиони евра за реализација на оваа мерка, додека еден милион евра е државна поддршка од наменските програми во Буџетот за справување со коронавирусот од страна на Владата“, соопшти вицепремиерот Битиќи.

Тој посочи дека на јавниот повик, објавен од Развојната банка на Северна Македонија, може да аплицираат сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од коронавирусот, а може да се измери преку падот на приходите.

“Во оваа трета кредитна линија, на барање на Занаетчиските комори, првпат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите кои имаат пад на своите приходи најмалку 20%, да можат да понесат кредитно барање за кредит со 0% камата. Со овој исчекор во рамки на можностите само се потврдува искрената заложба на Владата и сите чинители во економските ресори да испорачаат реална поддршка на оние што најмногу им треба – на најмалите. Оваa мерка е континуитет на претходните две кредитни линии Ковид 1 и Ковид 2, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра, за 1.376 компании, за зачувување на близу 18.000 работни места во овие компании. Дополнително ја зајакнуваме поддршката и овозможуваме два и пол пати повеќе средства за компаниите, за обртни средства, за финансирање на тековните потреби, за реализирање проекти поврзани со зелена економија, воведување нови начини на продажба, дигитализација, нови услуги, поголема ликвидност и полесно справување со економските состојби. Очекуваме третата линија да поддржи 2.000 микро и мали субјекти“, рече Битиќи во своето воведно излагање при промоција на новата бескаматна кредитна линија на Развојната банка.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Амбасадорот Дејвид Гир подвлече дека бескаматната кредитна линија е дел од голем финансиски пакет обезбеден од страна на Европската Унија во вредност од 40 милиони евра.

“Целта на овој пакет е да даде поддршка на малите бизниси како и да промовира вработување и да стимулира иновации. Од овие 40 милиони евра, 30 милиони евра заедно со еден милион евра од националните фондови ќе добијат форма на бескаматна кредитна линија којашто ќе биде управувана од страна на Развојната банка на Северна  Македонија, наменета за микро и мали македонски претпријатија, коишто ќе им помогнат во справување со последиците од пандемијата. Останатите 10 милиони евра ќе бидат управувани од Агенцијата за вработување, се со цел да им се помогне на луѓето кои се без работа, а сакаат да основаат почетен бизнис, како и да им овозможи на микро, на малите и средните претпријатија да креираат нови можности за работа. Во исто време овој пакет EU4resilience – ЕУ за отпорност ќе охрабри инвестиции во зелената и дигитална транзиција, прашања коишто го заземаат врвот на агендата на Европската Унија, истовремено промовирајќи можности за жените како и за младите лица“, нагласи амбасадорот на ЕУ Гир.

Директорот на развојната банка на Република Северна Македонија, Кире Наумов ги презентираше сите детали на јавниот повик при што посочи дека кредитите ќе бидат без камата, со три години рок на отплата и вклучен грејс период до шест месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.

“Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва. Објавата на Јавниот повик ја правиме денес, а почетокот за доставување кредитни барања за Ковид 3 е на 16 декември од 00 часот и 01 минута на полноќ. Кредитни барања ќе може да се доставуваат сè до 30 декември до 23 часот и 59 минути, односно повикот трае вкупно 15 дена. Пристигнатите кредитни барања ќе се обработуваат по завршување на јавниот повик, хронолошки, по принципот ,,прв дојден, прв услужен“, појасни директорот Наумов.

Аплицирањето ќе биде исклучиво електронски на мејл на адресата kreditiranjecovid3@mbdp.com.mk.

Новина во оваа кредитна линија е грант компонентата од 30% која корисниците на кредит од Ковид 3 ќе можат да ја добијат. Грант компонентата се однесува на четири категории субјекти и тоа:

  • Прва категорија субјекти се оние кои се управувани од жена, или пак имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50%;
  • Втора категорија субјекти се оние кои се управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади, или пак имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50%;
  • Трета категорија субјекти се извознички компании, кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50% и
  • Четврта категорија е најширока, а се однесува на субјекти кои реализираат активности, односно проекти во областа на зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги.

Правото на грант ќе можат да го остварат кредитокорисниците на Ковид-3 по отплата на 50% од износот на кредитот, со поднесување на барање за грант до Развојната банка.

Фото: Freepik