Беспилотно летало ќе ги лоцира изворите на загадување во Скопје

59

Градот Скопје викендов го почна 3Д мапирањето на критичните точки за загадувањето на воздухот во градот со беспилотно летало. Како прва локација беше избрана депонијата Вардариште, а мапирањето ќе продолжи и на други локации, стои во соопштението.

“Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Мерните станици покажуваат најголема концентрација на ПМ10 честички токму во овие делови од градот. Сега, со 3Д мапирањето на Вардариште ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите“, рече портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Сите инсталации кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола се проверени и редовно доставуваат мерења со кои се задолжени во самата дозвола. Активна е и кампањата за пријавување огнови на отворено на телефонскиот број 193.

Раководителот на Секторот инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, појасни дека Вардариште е една од црните точки во градот кои во изминатиов период биле предмет на инспекција и каде што се откриени поголем број прекршители.

“На оваа локација е забележано палење кабел и друг кабаст отпад. Со ова 3Д мапирање точно ќе ги лоцираме местата каде што тоа се случува“, рече Богдановски.