Месец април е месец на бесплатно работење во ЦЕЕД Хаб Скопје. Хабот, кој работи како акцелератор и нуди coworking (коворкинг) простор, цел април им дава можност на сите фриленсери, студенти, микро и мали претпријатија, невладини организации, странци, стартапи, креативци, оние кои работат од дома, луѓе кои често патуваат, на кои им треба простор за состанок, да дојдат во ЦЕЕД Хаб Скопје и да бидат дел од coworking заедницата.
Покрај редовните Акцелераторска и Пред – акцелераторска програма за стартапи, во рамките на бесплатниот месец се организирани различни настани, како бесплатен час со сметководител, правник, маркетер, панел дискусии, работа со бизнис ангели, раскажување успешни приказни, но и многу дружење – вечер за игри, малку готвење, па дури и утринска јога.
Coworking (коворкинг) е работење во заедничка работна средина. Просторијата за заедничко работење најчесто е голема канцеларија во која работат луѓе од различни индустрии и различни профили, динамично место што ги содржи сите ресурси потребни за водење бизнис.
Такво место во Скопје е ЦЕЕД Хаб Скопје, место за луѓе со идеи и луѓе од акција. ЦЕЕД Хаб Скопје нуди работна околина – биро, пристап до интернет, сала за состаноци, пристап до информации, пристап до знаење, пристап до потенцијални партнери, клиенти и пазари – преку Б2Б и нетворкинг настани, пристап до финансии – презентација пред Клубот на бизнис ангели на ЦЕЕД Македонија и поддршка од професионалци за иновации и креативно размислување – совети од консултанти за иновации и бизнис менаџмент.
ЦЕЕД Хаб Скопје е поддржан од Проектот за УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од ЦЕЕД Македонија.