Без изговори! Да ги заштитиме децата од повреди или загуби во сообраќајот

35

Современиот начин на живот, бројните обврски и динамиката со која ги извршуваме секојдневните активности, влијаат на сите сфери на општественото живеење, вклучително и на сообраќајот. Понекогаш многу лесно се губиме во секојдневната “џунгла“ од обврски, a се губиме и во секојдневниот сообраќаен метеж. Ако снаоѓањето во секојдневниот сообраќаен метеж е проблем дури и за возрасните, се наметнува прашањето: Како ли само децата се снаоѓаат во таа “сообраќајна џунгла“?

Тука први повикани се родителите. Одговорноста, едно мало дете, да научи безбедно да учествува во сообраќајот и успешно да се снаоѓа и да се справува со опасностите кои демнат во него, почнува токму од нив.

Искуствата покажуваат дека современите родители вложуваат многу во своите деца. Ги носат децата на спорт, на јазици, на балет, во театар – на места каде од мали учат, се едуцираат, се забавуваат. И тоа не е погрешно. Но, што станува со обуката и со оспособувањето на децата безбедно да се движат во сообраќајот? Ги учиме децата на многу корисни работи, а забораваме да ги учиме на сообраќајна култура и на добро сообраќајно поведение. Децата се бел лист хартија, сунѓер кој впива сѐ и имаат потенцијал да апсорбираат многу нешта. Ги учиме децата на добри манири, но не ги учиме како добро да се однесуваат во сообраќајот. Да нема дилеми, секоја едукација е добра и добредојдена, но прашањето е дали доволно ги подготвуваме децата да бидат одговорни учесници во сообраќајот? Мал број родители си го поставуваат тоа прашање и малку се сетиле дека тоа е многу важно за безбедноста и за иднината на нивните деца.

Како родител имате одговорност за безбедноста на детето во сообраќајот.

Секое дете мора да биде свесно за опасностите во сообраќајот. Затоа, за почеток потребно е да му помогнете на детето да ги разбере ризиците што ги носи учеството во сообраќајот, да го оспособите да ги препознае и да избегнува ризичните ситуации и однесувања, но и да го разбере значењето на сообраќајните правила и совесно да се придржува до нив.

Детето низ разговор и совети треба да добие слика, поточно да стане свесно каква опасност постои доколку не ги почитува сообраќајните правила.

Исклучително важно е детето да ја познава околината во која самостојно се движи. Тоа значи да му објасните каде може, а каде не може да игра, каде се преминува улицата и на кој начин, кој е најбезбеден пат од училиште до дома и обратно. Објаснете му на детето кои места се ризични, каде се пешачките премини и семафори и зошто на одредени места има поставено сообраќајни знаци.

Еден од ризиците на кои децата се секојдневно изложени, а кривицата за тоа директно паѓа на грбот на родителите – е небезбедното возeње. Возење на детето во скут, на предното седиште, надвор од детското седиште, возење без врзан појас – ова се сликите што секојдневно ги гледаме на улиците, особено во утринските часови.

“Возам бавно, не ми треба седиште“, “Возам на кратко растојание“, “Плаче детето, не сака во седиште“, “Јас цел живот не сум користел седиште, па ништо не ми се случи“, “Немам пари за седиште“.

Еден куп изговори, ниеден оправдан, ниеден логичен. Секој родител знае дека тие изговори се неиздржани и само бара начин пред себе или пред другите да си ги испере совеста и срамот.

Детето е огледало на родителот. Биди позитивен пример!

Искуството вели дека доколку децата не се врзани во седиште, доколку не ги научите да користат појас од мали, доколку гледаат како со него во раце преминувате улица на црвено светло за пешаци или надвор од пешачки премин, тешко дека ќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи кога ќе пораснат. Можеби денес сето ова ќе помине без последици, но оставате трага за лошо сообраќајно поведение на детето во иднина. Затоа, многу е важно родителите да бидат позитивен пример.

Наведувањето на децата на добро сообраќајно поведение значи нивна заштита во понатамошниот живот. Секое незнаење има цена. Секоја некултура има цена. Незнаењето и некултурата во сообраќајот значат опасност за загубен живот. Затоа секојдневно учете го детето како да биде добар и безбеден учесник во сообраќајот.

“Ќе порасне ќе научи“. “Што да го учам кога другите не внимаваат“. “И да го учиш и да не го учиш, исто ти се фаќа“. “Тоа што ти е пишано, нема спас“ се само изговори и оправдувања кои никому не носат ништо добро.

РСБСП со препорака до сите родители: Без изговори! Да ги заштитиме децата од повреди или загуби во сообраќајот. Да ги едуцираме децата за правилно и одговорно учество во сообраќајот. И не заборавајте на најважното: мора прво вие како родител да бидете неговиот “херој“ – позитивен пример на кој детето секојдневно ќе се огледува.