Без милост (No mercy)

45

box

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Во последниве неколку месеци, заедно со моите соработници, работам на проект Проценка на успешноста на вработените. Проектот е за голема телекомуникациска компанија во една од бившојугословенските републики. Се уште немам дозвола за објавување на името на компанијата бидејќи проектот е во тек.

Пред неколку дена, од нашиот локален координатор, го добив следново барање: клиентот бара да изработиме методологија со која вработените ќе ја оценуваат успешноста на менаџерите. Работниците да ги оценуваат менаџерите? Невидено. Неколку минути по читањето на пораката бев во шок. Знам дека самоуправувањето како бизнис-идеологија е мртво веќе 25 години, ама неговиот дух (читај: вампир) очигледно дека се уште слободно шета. Чистачка да одлучува за платата на менаџер!? Не само што времето таму застанало, туку часовникот се враќа назад. Со гас до даска, возат рикверц на автопат. Не знам дали во Македонија постои вакво нешто, ама би бил страшно разочаран доколку има.

Сакам да направам споредба на релациите менаџер-работници во Америка со истите кај нас. Знам дека ние доста сме напредувале, меѓутоа има доста работи кои се уште не функционираат. Сите права и обврски на менаџерите се регулираат со т.н. менаџерски договори кои по правило се склучуваат на една година. Доколку обрвските не се исполнат, менаџерите ги губат своите позиции и стануваат работници (или ја наpуштаат фирмата). Сите права и обврски на работниците се регулираат со законски прописи кои по правило повеќе ги штитат интересите на бизнисот. Доколку прописите не се почитуваат, работниците се отпуштаат. Се разбира дека тие имаат право да пристапат кон синдикалните организации кои ги бранат нивните интереси. Менаџерите, природно, не можат да бидат членови на синдикат. Преку моите клиенти во Македонија имам слушнато дека практиката за потпишување менаџерски договори е се уште во зародиш, а законските прописи се уште повеќе ги штитат работниците отколку бизнисот.

Бизнисот, по дефиниција, е без милост. No mercy. Што помлада компанија, толку повеќе ова важи. Значи, не се правам курназ со двојазичниот наслов на колумнава, туку имам добра причина за тоа. Нашиот израз е некако помек, помалку страшен, некако како сепак да има простор за прочка. Во англискиот нема – резок е, со доза на уништи, заколи, докрајчи, да го нема веќе.

Каков јазик, такви луѓе. Ние сме помеки, со повеќе душа, нашиот празник Прочка е важен ден. Американциве се тврди, со помалку разбирање за другите, дури не можат да се сложат кога им е христијанската Прочка (има еден во јули и еден во август, ама нешто многу не се потресуваат и околу двата). Чекор понатаму, многу тешко можам да го преведам нашиот збор „грев“ на англиски  – не мислам на направен грев, тоа би било „sin”, туку „ај бе остави го, греота е“. Можеби имаат соодветен збор, ама јас не го знам. Како и да е, не сум приметил некој да употребува нешто такво.

Кога не би работел во сопствена компанија, со голема убеденост ви велам дека многу повеќе би сакал да работам за македонска отколку за американска компанија. Во двете улоги, било како менаџер или како работник. Поради една голема причина: стрес.

Тука, по правило, работниците се вреднуваат и плаќаат по час (саатница). Значи, осум платени часа плус половина час неплатена пауза. Осум часа овде буквално значат 480 минути. Минималната саатница во Калифорнија е околу 7 долари, по одбивање на таксите. Чаша кафе во Starbucks е 3,5 долари. Две кафиња за саат работа.

Голем дел од работниците немаат здравствено осигурување, а ако имаат тогаш тоа доста скапо ги чини. Одењето до работа и враќањето дома вообичаено трае околу два часа, низ пеколните гужви по автопатите. Трошоците за автомобил не се помали од 500 долари месечно. Бројката на оние кои можат да си дозволат сопствена куќа во попристојните делови на Калифорнија не е поголема од 15% (во Санта Барбара, таа бројка е 7%). Работниците тука се безгласна буква, нивно е да работат, а не да мислат. Приказните за „отворена врата на менаџерот“ се или холивудска сапуница или практика на малубројни ултра-либерални менаџери кои имаат некоја скриена агенда, па им се додворуваат на работниците.

Менаџерите, од друга страна, се врзани со тешки услови во нивните договори – колку бизнис треба да донесат, колку за тоа да потрошат и колку профит за фирмата да остварат во текот на годината. Тоа е т.н. буџет кој религиозно се почитува. Околу Божиќ се исплаќаат бонусите и (случајно, нели) се потпишуваат новите договори. Морков и стап. Работно време за менаџерите нема – се работи онолку колку што е потребно. Во многу фирми, на пример, постои правило менаџерите да одговорат на емаил во определен рок по примањето. Тој рок вообичаено се мери со неколку часа. Вклучително викенд и државни празници. Службените ручеци траат не повеќе од еден час, по правило без алкохол. Платите се одлични, ама обврските се стравични.

Просечното времетраење на платен годишен одмор овде изнесува две недели, односно 10 работни дена. Ретки се тие кои го користат ова во целост – вообичаено, одморот трае една недела. Соодветно на годишниот одмор, постои т.н. “two week notice” за отпуштање од работа. Значи, доколку сакате да напуштите, треба две недели однапред тоа писмено да го најавите. Истото важи и за фирмата ако сака да ве отпушти (независно дали сте работник или менаџер).

Веројатно нема да претерам ако кажам дека сите очи се вперени во Америка, поради низа фактори. Калифорнија на пример, посматрана како самостојна држава, има повисок бруто производ од цела Русија. Затоа, сите сакаат на некој начин да бидат присутни на овој пазар. Од аспект на фирмите, ова значи жестока конкуренција. Конкуренција на материјални добра и на хуман капитал. Најмала грешка на работа е следена со укор и застрашување – некој веќе чека на врата да го заземе твоето работно место. И сето тоа елегантно запакувано во „It’s nothing personal, just business.”

Резултанта на сé понапред речено е: висок степен на стрес, како за работниците, така и за менаџерите. Не е сé така розово во Ветената земја.