Бидете пример за другите

47

cevli-pexels

Фото: Pexels

Сите ние сме биле „допрени“ од одредени луѓе кои влијаеле врз нашиот развој, размислување, начин на работа и допринеле да напредуваме.

Според дефиниција (role model) тоа се луѓе кои ни служат како пример за нивните вредности, ставови и однесувања поврзано со нивната улога, позиција.

Денес, сакам да позборуваме повеќе за луѓето кои се пример и кои имаат улога на ментори. Секој од нас може да биде пример, во зависност која карактеристика кај другиот ја земаме за пример. Во овој момент, престанете со тоа што го правите и свртете се околу вас. Погледнете во оној кој е во ваша близина овој момент: колеги, соработници, членови во семејството, роднини, пријатели… Размислете која карактеристика, вредност, став, мислење го вреднувате кај нив и ви бил пример. Ќе видите дека може од секој да научите нешто.

На почетокот, најчесто не ја препознаваме улогата на другите, сè додека не го согледаме нивниот раст и напредок, но и нашиот. Тоа е така, бидејќи е потребно време за добро запознавање на личностите.

Сигурно се прашувате – кои карактеристики треба да ги поседува секој „пример“? Секако, не би очекувале нетипично и натчовечко однесување од нив, ниту, пак, беспрекорно однесување. Еве неколку карактеристики што би можеле да ги развивате кај себе си за да ве гледаат другите како пример или ‘role model’:

Самодоверба – Добар ментор е некој кој е секогаш позитивен, мирен и сигурен во себе. Никој не сака да биде опкружен со негативни луѓе или луѓе кои ќе направат вие да се чувствувате така. Сите се огледуваме во луѓе кои се среќни во тоа што успеале да го достигнат во својот живот и кариера, но и понатаму се стремат кон поголем успех и повисоки цели. Имајте самодоверба за работите во кои сте одлични, другите ќе ги препознаат со сигурност.

Уникатност – Менторите се специфични и уникатни за одредена работа, а која другите ја согледуваат како пример. Можеби некогаш некој ќе ја гледа таа карактеристика, верување или однесување со потсмев, но луѓето за пример се верни и искрени на себеси. Затоа, не се преправајте дека сте нешто што не сте и не глумете само да им удоволите на другите.

Отворена комункација – Добра комуникација значи слушање и зборување. За да ги запознаете луѓето подобро и да им бидете пример, отворено треба да комуницирате и да ги запознаете подобро. На тој начин, повеќе ќе научат од вас, ќе имаат доверба и ќе ви се огледуваат во иднина можеби за други работи.

Почит – Да се биде емпатичен е клучна карактеристика во менторството. Секогаш треба да дадете мотивација, да укажете благодарност, да ги наградите оние кои ве гледаат како ментор, бидејќи така ќе им покажете на луѓето дека се грижите за нив, дека забележувате дека напредуваат и се трудат.

Бидете стручни – Менторите не се само „учители”. Тие постојано учат, се предизвикуваат да излезат од нивната удобна зона. Затоа, трудете се да имате што е можно повеќе интереси, бидејќи така ќе дадете пример за напредок, а и вие самите ќе научите повеќе нешта за да бидете поуспешни.

Совети – Луѓето за пример би сакале да ни даваат совети, бидејќи ние се огледуваме на нив. Би сакале да чуеме како тие би постапиле во одредена ситуација и/или како размислуваат. Со сигурност, нивниот совет ќе го примениме. Така што, потрудете се советодавно да им пристапите на луѓето кога е тоа потребно. Само внимавајте да не претерате, да не биде дека сè знаете.

Трпение – Оваа карактеристика е клучна во процесот на учење и менторство. Треба да ги прифатите другите какви што се и да бидете трпеливи додека го одат нивниот пат. Некогаш ќе треба да им подадете рака да станат, некогаш ќе треба да ги подбутнете да продолжат, а некогаш да им дадете признание.

Потсетете се каков пример сте сакале да имате во детството – потрудете се да бидете токму таков за другите. Потрудете се да ги јакнете овие карактеристики за да бидете модел за вашите колеги, соработници, пријатели, роднини, семејство, итн…

Трудете се секогаш вие да бидете тој од кој ќе учат другите.

Со успех во промените.