На Економски факултет во Скопје, денеска, 15 октомври, ќе се одржи втората по ред Smart Up конференција во организација на SWT Alumni Македонија, чија основна цел е да ги мотивира и да го поттикне претприемачкиот дух на младите во Македонија.
Втората по ред Smart Up конференција ќе започне во 17:30 ч и ќе трае до 20:30 ч. Програмата на конференцијата ќе биде поделена во два дела, а официјално ќе биде отворена од страна на американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс и деканот на Економскиот факултет – Љубомир Дракулевски. Во првиот дел, десет млади, успешни претприемачи кои беа дел од првата Start Up академија, во две минутна презентација ќе ги претстават своите бизнис идеи на кои работеа за време на првата Start Up Aкадемија. Во вториот дел на конференцијата, присутните ќе имаат можност да ги слушнат успешните приказни на г-дин Божидар Јанковски, сопственик на Diners Club International во Македонија, г-ѓа Елеонора Згоњанин, сопственик на штедилницата Фулм и Стојан Дебарлиев, доцент на Економскиот факултет, како и нивните подеми и падови со кои се соочиле во градењето на нивната кариера.
Модератор на конференцијата ќе биде Ана Јовковска.
Настанот е поддржан од Американската амбасада во Македонија, Американската стопанска комора во Македонија, CEED Македонија и Економскиот факултет во Скопје.
Сите оние кои нема да успеат да бидат дел од Smart Up конференцијата, ќе може да ја следат во живо преку каналот на SWTA Macedonia.