Биди паметен, избери претприемништво: Запознајте ги Симона Ристовска (Si Accessories) и Оливера Костовска (Laundry Café)

smart1

На 15 октомври на Економски факултет во Скопје, SWT Alumni Македонија ќе ја организира втората по ред Smart Up конференција, чија основна цел е да ги мотивира и да го поттикне претприемачкиот дух на младите во Македонија. На конференцијата, десет млади, успешни претприемачи кои беа дел од првата Start Up академија, во две минутна презентација ќе ги претстават своите бизнис идеи на кои работеа за време на првата Start Up Aкадемија. Ова се приказните на две млади девојки.

Симона Ристовска – Si Accessories

simonaИзбрав претприемништво бидејќи имав желба да ја поврзам пасијата за создавање на убави и различни парчиња накит и создавање на личен бренд по кои луѓето ќе ме препознаваат. Мислам дека младите треба одредено време паралелно да работат (да бидат вработени) и да ја развиваат својата идеја, бидејќи сепак некои работи не се случуваат преку ноќ. Исто така искуството е важен фактор кој е потребен за развивање на претприемништвото кај младите.

Start up академијата е комплетна алатка со сите потребни информации при започнување на бизнис, а најважно е тоа што преставува платформа за контакти со потенцијални партнери, инвеститори, познанства и искуства.

Јас сум претприемач кој нуди единствен со одличен квалитет рачно изработен накит за сите пригоди.  Si Accessories е основан и работи во Тетово, но парчињата накит се доставуваат низ цела Македонија.

Оливера Костовска – Laundry Café

oliveraЗнам многу луѓе кои што се успешни, работат за себе и достојно “пливаат” низ динамичниот живот, меѓутоа ни од далеку не се свесни за тоа дека се успешна приказна за еден претприемач. Сметам дека многу позначајно е како ние делуваме и што правиме за остварување на нашите цели, наместо тоа како се етикетираме и нарекуваме самите себеси во социјалните кругови во кои се движиме. Додека академски не ми беше објаснето што подразбира претприемништво и претприемачот како термин, јас не знаев дали припаѓам во таа група или не. Откако се вратив од програмата за културна размена во САД, како студент, сфатив дека многу работи можат да функционираат многу подобро кај нас. Односно, дека не е потребно ние да бидеме следна генерација на Марк Зукерберг или други генијални умови кои што дошле до брилијантни идеи, туку дека само треба да ги споиме концептите, системите и да понудиме нешто што би било од значење за одредена потенцијална таргет група. Она што увидов дека е потребно на нашиот пазар е отворање на Laundry Café, место каде што ќе можете да ја испрете вашата облека на нетрадиционален начин. Во пријатна атмосфера, локалот ќе нуди забавни активности за време на вашиот престој како: кафуле, мезебар, слободна интернет зона, ТВ, видео игри и др. активности. Претпоставувам дека многу позначајно за еден човек е претприемничкото однесување во секојдневното работење, живеење, прифаќање на одговорности и активности, односно гледањето на можностите за развој и придонес во одредена област, а тоа е интрапретприемничкиот пристап. Мојот избор за претприемништво е побуден од два мотиви. Прво, за лична сатисфакција, за придонес и оставање свој печат во подобрувањето на одредени сегменти во општеството. Второ, за тоа што сакам да работам на работите што ме предизвикуваат, да го селектирам тимот со кој што сакам да работам, како и да внесувам свои идеи и креативно размислување, кое што сите би се согласиле дека во најголем дел од компаниите кај нас е маргинализирано и ограничено. Сепак, моја лична препорака е секој оној кој што сака да започне свој бизнис, би го/ја советувала да работи во владин/невладин/корпоративен сектор, да ја стекне работната етика, начин на комуницирање, деловна кореспонденција, работа во тим, комуникација со претпоставени, колеги, клиенти и сл. но сепак, тоа да биде во областа која што ќе ги развие неговите/нејзините вештини и капацитети за отпочнување на посакуваниот бизнис.

Start Up Академијата е одлична можност за млади таленти да ги инкубираат своите идеи, од идеја до реализација, како и да ги тестираат со бројни консултации од лидери докажани на нашиот пазар. Start-up академијата е место за вмрежување/нетворкинг со луѓе кои верувам дека ќе бидат движечка сила на нашата државата во иднина.