БиХ допушти концентрација на Агрокор и Меркатор

21

agrokor-mercator

Советот за пазарна конкуренција на Босна и Херцеговина вчера допушти концентрација на хрватски Агрокор и словенечки Меркатор на подрачјето на БиХ.

Барањето за одобрување на концентрација на двата трговски ланци Советот го доби уште минатата година, но поради тоа што се работи за концентрација на два големи стопански субјекти, Советот најпрво одлучи да спроведе детална анализа на пазарот на трговиите на големо и мало со прехранбени производи и стока за широка потрошувачка во БиХ.

Меркатор во БиХ го поседува и ланецот за трговија на мало ДП Маркети.

Словенечката влада денеска треба да расправа за ризиците до кои би можело да дојде по продажбата на својот удел од 53% во Меркатор на хрватски Агрокор. Извештајот Владата потоа ќе му го предаде на Словенечки државен холдинг, државна агенција која управува со портфолиото на државата во некои претпријатија.

Во последно време на словенечката влада расте притисокот од противниците на продажбата на Меркатор, како што се синдикатите, но и некои политичари кои се против приватизација на државниот имот.

Со спојувањето на малопродажните мрежи на Конзум кој работи под капата на Агрокор и Меркатор, ќе се создаде претпријатие со скоро 60.000 вработени, со мрежа од 3.500 продажни објекти во девет држави, а проценетите приходи би изнесувале скоро седум милијарди евра.