БиХ пред банкрот?

32

Економијата на Босна и Херцеговина во вториот квартал од оваа година забележа пад од 10,8%, а некои економисти предупредуваат дека доаѓа уште потешко време и ја наведуваат можноста за државен банкрот, пишува Klix.ba.

Според некои аналитичари, ова е очекуван тренд, имајќи предвид дека станува збор за квартал што ги опфаќа директните последици од пандемијата.

“Битно е да се наведе дека двоцифрениот квартален пад покажува дека повеќе нема простор, ниту можност за уште едно затворање, без оглед на тоа каква епидемиолошка ситуација нè очекува во наредните месеци. Поради тоа, мерките треба да се планираат и прилагодуваат за да може економијата да функционира нормално – индустриска заштита, дигитална трансформација, бихевиористичко поттикнување и слично“, смета економскиот аналитичар, Адмир Чавалиќ.

Она што посебно загрижува, како што додава тој, е трендот во последниот квартал од оваа година, односно првиот квартал во следната. Иако не се очекува драстичен пад, аналитичарот очекува “долга зима“, односно помал оптимизам кога е во прашање потрошувачката и економските активности.

На потенцијален банкрот, прв предупредил економистот Драшко Ачимовиќ, велејќи дека падот од 10,8% е страшен за земја со слаба економија, како што е БиХ.

“Но, според некои информации, вистинскиот пад е уште поголем, бидејќи пресметката на кредити и донации во оваа статистика не е јасно нагласена, така што реалниот пад можно е да е уште поголем. БиХ не може да се спаси од банкрот, ако не се направат итни реформи заради заштеда во јавниот сектор, не се запрат корупцијата и криминалот. Банкрот на држава е состојба во којашто таа не е веќе во состојба да ги плаќа своите обврски, пред сè долгови, за што ќе ѝ биде потребна помош од постоечки, но и идни кредитори“, смета Ачимовиќ.

Фото: Pixabay