Binance, Лари Елисон и уште неколку инвеститори ќе му помогнат на Маск да го преземе Twitter

43

Илон Маск најави дека ќе го преземе Твитер, за што му се потребни околу 44 милијарди долари. Дел се најдоа по неодамнешната продажба на акции на Tesla, дел веројатно се „под перница“, а сега е познато дека во зделката ќе бидат вклучени уште неколку партнери и инвеститори со повеќе од 7 милијарди долари.

Во потфатот на Маск се одлучиле да се вклучи и берзата за криптовалути Binance вредна половина милијарда долари, инвестициските фондови Sequoia Capital (800 милиони долари) и Andreessen Horowitz (400 милиони долари), ко-основачот на Oracle, Лари Елисон (1 милијарда долари) и саудискиот принц Алвалид Бин Талал Бин Абдулазиз Алсауд. Последниот му ветил помош на Маск во аквизицијата со неговите 35 милиони акции на Twitter кои веќе ги поседува.

Во зделката ќе учествуваат уште петнаесет други инвеститори со нешто помали, но сепак повеќемилионски суми.

Со овој влез на нови инвеститори, финансиската обврска на Маск ќе биде намалена за споменатите 7 милијарди долари, односно ќе треба да подигне заем од „само“ 6,25 милијарди според претходно објавениот план и да вложи свои нешто повеќе од 27 милијарди долари.

Маск наводно ги продолжува преговорите со другите големи акционери на Twitter за да ги инвестираат своите акции во ова преземање, а со тоа уште повеќе да му ја олесни работата. Меѓу оние со кои се преговара е и ко-основачот, Џек Дорси.

Берзите позитивно реагираа на оваа објава, па вредноста на акцијата на Twitter во текот на денот порасна за речиси 4%. Сè уште се тргува под 51 долар по акција, што е помалку од 54,2 долари што Маск најави дека ќе плати во процесот на стекнување. Откако, се разбира, ќе преземе 100% удел во оваа социјална мрежа, шефот на Tesla и SpaceX треба да помине одредено време на нејзино чело, како привремен извршен директор.