BioNTech минатата година ја затвори со загуба од 665,3 милиони евра

Германската биофармацевтска компанија BioNTech објави нето загуба и значително помал приход во 2024 година поради послабата побарувачка за нејзината вакцина против Ковид-19.

Вкупниот приход лани изнесуваше 2,75 милијарди евра, што е за 28 отсто помалку од 2023 година.

BioNTech минатата година ја заврши со нето загуба од 665,3 милиони евра. Во 2023 година работеше со нето добивка од 930,3 милиони евра.

Големиот пад на приходите е првенствено резултат на послабата побарувачка за вакцини за Ковид-19 и отпис на залихи кај американскиот партнер Pfizer, се вели во соопштението, а пренесе Хина.

Трошоците за истражување и развој, сепак, се зголемија за 26,4 отсто, на 2,25 милијарди евра, поради клиничките испитувања на новите онколошки лекови.

Годинава менаџментот очекува приходи во опсег од 1,7 до 2,2 милијарди евра, со фокус на четвртиот квартал.

Тие истакнаа дека нивната проценка ја засноваат на претпоставката дека вакцинацијата, цените на вакцините и пазарниот удел ќе останат на минатогодишното ниво.