BioNTech очекува до 17 милијарди евра приход од вакцината

29

Германскиот производител на вакцини BioNTech во вторникот објави дека неговите операции во третиот квартал и во првите девет месеци од оваа година биле поддржани од продажбата на вакцини против Ковид-19, што треба да му донесе до 17 милијарди евра приход оваа година.

BioNTech во третиот квартал оствари нето добивка од околу 3,2 милијарди евра.

Во периодот од јули до септември приходите на компанијата скокнале на речиси 6,1 милијарди евра, наспроти 67,5 милиони евра во истиот период лани. Скокот на приходите е резултат на брзото зголемување на понудата и продажбата на вакцини против коронавирус на глобално ниво, кои германската биотехнолошка компанија ги разви во соработка со американскиот Pfizer.

Испорака до 2,5 милијарди дози

Во првите девет месеци од оваа година приходите на BioNTech достигнаа 13,44 милијарди евра, во споредба со нешто помалку од 140 милиони евра во истиот период минатата година. Нето добивката во периодот од јануари до крајот на септември достигна 7,1 милијарда, наспроти загубата од 352 милиони евра во истиот период во 2020 година, покажа извештајот.

Компанијата сега очекува приход од вакцините против Ковид-19 во опсег од 16 до 17 милијарди евра оваа година, врз основа на проектираните испораки до 2,5 милијарди дози. Во август, таа беше проценета на 15,9 милијарди евра врз основа на тогаш договорената испорака од 2,2 милијарди дози.