
Предлогот на градоначалникот на Венеција, Симоне Вентурини, за можно значително зголемување на цената на билетите за еднодневни излетници во тој северноиталијански град на каналите предизвика дискусии, пишува агенцијата ДПА во петокот.
„Ако во моментов таа цена е помеѓу 5 и 10 евра, мојот предлог е да се зголеми на помеѓу 30 и 50 евра во одредени денови“, ги објави неговите зборови весникот „Кориере дела Сера“ во петокот.
Вентурини победи на локалните избори на крајот на мај како кандидат од десниот центар, наследувајќи го Луиџи Бруњаро, кој ја држеше функцијата градоначалник десет години.
Оваа година, Венеција им наплаќа на краткорочните посетители влезница од 10 евра за вкупно 60 дена до крајот на јули – дури и ако поминат само неколку часа на улиците околу плоштадот Свети Марко и мостот Риалто. Оние кои резервираат најмалку три дена однапред плаќаат 5 евра.
Целта на оваа мерка е да се ограничи масовниот туризам, но критичарите веќе некое време тврдат дека сегашната цена на билетите не ги одвраќа туристите да ја посетат Венеција.
За време на изборната кампања, Вентурини предложи зголемување на цената на билетите во одредени денови кога се очекува особено голем број еднодневни посетители.
Но, тој нема овластување да ја зголеми цената на билетите. И иако е воведена таксата, во согласност со општинските прописи, горната граница е одредена од националниот закон.
Затоа, Вентурини мора да се консултира со владата во Рим.
Експертот за уставно право Лудовико Мацароли изнесе одредени законски пречки, велејќи дека наплатата на билет по цена од 50 евра може да се толкува како ограничување на слободата на движење.











