Бислимоски: РКЕ е во постапка за одземање на лиценците на БЕГ

18

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) е во постапка за одземање на лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, информира денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Тоа значи дека во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер на кој ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. За одземањето на лиценците нема да има реперкусии и ниту граѓаните, ниту, пак, индустријата нема да плаќаат ниту еден денар, рече Бислимоски.

Најави дека сите постапки ќе бидат завршени на време, а до нивното завршување, како што кажа, постојниот вршител на енергетската дејност е должен да ја врши дејноста.

-Мое мислење и препорака до Владата е конечно во овој сектор да се укинат трите дејности производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, како што е насекаде во регионот. Треба да има една лиценца за топлинска енергија како во поголемите градови во соседството. Сметам дека Владата или други јавни претпријатија треба да го преземат вршењето на оваа дејност, рече Бислимоски.

Прецизира дека Согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер за вршење на соодветна регулирана енергетска дејност. Откога ќе се распише тендерот ќе се избере нов вршител на енергетска дејност и тој ќе продолжи да ја врши дејноста како што ја вршел претходниот, пренесува МИА.

-До наименувањето на новиот вршител на енергетска дејност, постојните компании на БЕГ се обврзани да ја вршат дејноста. Сигурен сум дека се ќе заврши пред почетокот на грејната сезона. Не можам да кажам колку ќе трае тендерот, но верувам дека од октомври БЕГ нема повеќе да ги грее скопјани, потенцира Бислимоски.