Битиќи: С. Македонија ќе стане првата земја во Југоисточна Европа која ќе воспостави дигитален асистент

15

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи учествуваше на панелот „Дигитална трансформација: неопходнo нарушување или конкурентска предност”, кој се одржа во рамките на Самитот во организација на „Macedonia 2025″, кадешто дискутираше со амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Н.Е. Рејчел Галовеј и основачот на организацијата „Emerging Europe”, Ендру Вробел.

На почетокот на своето излагање, вицепремиерот Битиќи посочи дека самото тоа што дигитализацијата се наметнува како главна тема на првиот панел на Самитот зборува за тоа колку е важен процесот на дигитализација за целокупното општество.

„Процесот на дигитализација е многу повеќе од алатка, повеќе е потреба за да можеме полесно да решаваме проблеми и да постигнеме повисоки општествени цели. Дигитализацијата е потреба за да се подигне ефикасноста и ефективноста на услугите кон граѓаните, како и на искористеноста на расположливите ресурси”, започна вицепремиерот во својата дискусија.

Вицепремиерот нагласи дека дигитализацијата е многу важна и за демократските процеси во една земја, со нејзе се овозможува полесен пристап до податоци и поголема транспарентност на институциите во управувањето на средствата со граѓаните.

„Кога станува збор за она што е направено во дигитализација на процесите, треба да се истакне дека во 2022 година, Северна Македонија ќе стане првата земја во Југоисточна Европа која ќе воспостави дигитален асистент кој ќе ги обезбедува сите информации за државна помош достапна во нашата земја. Ние сме потполно свесни дека со оваков дигитален асистент се воспоставува поголема доверба од инвеститорите и граѓаните, се подобрува кредибилитетот и транспарентноста на институциите, тоа се се демократски процеси, кои се важни за секој еден инвеститор и за општеството генерално. Северна Македонија е „пионер” во регионот во оваа смисла, можеби нема да биде совршено, но да се биде „пионер”, значи да се биде свесен за предизвиците кои процесот ги носи”, додаде вицепремиерот.

Вицепремиерот се осврна на една од најважните мерки која се однесува на дигитализацијата, која не чини многу средства, а може да донесе големи ефекти при распределбата на државната помош во одредени гранки.

„Започнавме со дигитализација на системот за управување со информации за државната помош, тоа е важно затоа што тоа се средства на граѓаните. Ќе се дигитализираат сите процеси во дури 11 државни институции, а тоа ќе ни даде можност да го измериме ефектот на државната помош кон граѓаните и кон приватниот сектор. Тоа не се некои огромни средства за дигитализација, но со оваа дигитализација ќе имаме големи ефекти. Ние наменуваме над 200 милиони евра државна помош секоја година, навистина огромни средства, кои ако не се искористат ефикасно, не носат резултат. Како пример, секоја година обезбедуваме 110 милиони евра субвенции во земјоделството, земјоделското производство опаѓа, а увозот на земјоделски производи расте. За 15 години, над 100 милиони евра годишно, тоа се две милијарди евра, а без саканиот ефект. Со дигитализацијата ќе помогнеме точно да ги намениме средствата каде што ќе дадат ефект. Дали Владата и органите на државна управа се подготвени за дигитализација, да подготвени се, пандемијата тоа ни го покажа, кога дури и седниците на Владата се одржуваа преку видео врска, што не можеше да се замисли пред 10 години.”, напомена Битиќи, а додаде дека министерството за информатичко општество веќе спроведува еден крупен проект за дигитализација, а тоа е поврзување на 200 државни институции со „Системот за управување со документи”, а во иднина се планираат два многу големи проекти, од кои едниот е воспоставување на „Национална инфраструктура за широкопојасен интернет, како и воспоставување на „Безбедна Владина заедничка инфраструктура.

За време на дискусијата вицепремиерот Битиќи се осврна и на процесот на создавање на Националната развојна стратегија, како документ кој ќе обезбеди долгорочна визија за одржлив развој на Република Северна Македонија за наредните 20 години.

„Еден од најважните процеси кои ги започнавме изминатата година е креирање на Националната развојна стратегија за наредните 20 години. За мала земја, како Република Северна Македонија е многу важно да има визија на долг рок. Тоа ќе ни помогне да креираме правилни политики, програми и мерки за да ги достигнеме целите на долг рок. И самата дигитализација, на јавниот и приватниот сектор, но и вештините за управување со дигиталните алатки на граѓаните, не се процеси на кус рок, тоа се инвестиции на среден и на долг рок, кои треба да донесат одредени резултати. Националната развојна стратегија ќе биде инклузивен процес, донесен со консензус на општеството и прифатлива за сите, а за сето тоа да го постигнеме ќе ни треба време. Оваа стратегија ќе се базира на модерните трендови, на постулатите на четвртата индустриска револуција, вештачката интелигенција, интернетот, новите начини на водење на економија и бизнис”, посочи Битиќи.

Дигитализацијата е важен процес во сите сектори, но таа мора да биде значајна за постигнување на одредени цели и затоа дигитализацијата се смета како инвестиција во развојот на човечкиот потенцијал и е вградена во сите политики кои се однесуваат за поддршка на бизнис секторот, посочи Битиќи.

„Со последните измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, усвоени пред околу 5 месеци, инвестициите во развојот на човечкиот капитал и во дигитализацијата не се сметаат само како трошок, туку како инвестиција, па со овие измени овозможуваме поддршка за сите компании  кои ќе инвестираат во човечките ресурси и дигитализацијата на процесите. Делува како мал чекор, но вакви мерки правиме во сите политики, затоа што само на овој начин можеме да ја инкорпорираме дигитализацијата во различни категории, во различни сектори, наместо да носиме само една или две одделни програми за дигитализацијата”, заврши вицепремиерот Битиќи за време на своите дискусии на панелот кој се одржа во рамките на Самитот на организацијата „Macedonia 2025″.