Битиќи: За сите важни економски прашања имаме отворена дискусија со стопанството

39

Согласно воспоставената практика, секој последен петок во месецот да се одржи седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог и денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа седница на која претставниците на Владата дискутираа со претставници на четирите најголеми стопански комори во земјата, кои се и членки  на Платформата за јавно-приватен дијалог.

Зборувајќи на седницата, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, посочи дека со одржување на овие редовни месечни седници е воспоставен одличен систем, преку кој во континуитет продолжуваат разговорите помеѓу Владата и државните институции, од една страна и стопанските комори, како претставници на бизнис секторот од друга страна, за важни економски теми.

Вицепремиерот нагласи дека создавањето на предвидливо бизнис опкружување е едно од најважните теми за секој стопанственик, па токму во таа насока, пред донесување на било какво законско или под законско решение, Владата ќе продолжи со отворена дискусија и консултација со бизнис секторот, за да се унапреди деловното опкружување, да се обезбеди предвидливост и одржливост на економските текови.

На денешната седница се разговараше за повеќе теми, претставниците на бизнис секторот беа запознаени со предлог – измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, статусот за прогресот во подготовка на Законот за работни односи, како и одредени предлози за законски измени поврзани со минималниот праг за основица за плаќање на придонеси и данок на имот.

Во однос на предлог измените на Законот за финансиска поддршка за инвестициите, Вицепремиерот Битиќи посочи дека со дел од  измените на Законот ќе им се помогне на компаниите во пребродување на тешката 2020 година.

“Тоа се однесува и на компаниите кои веќе земале помош по мерките од законот, да не бидат елиминирани поради пад на приходи, и затоа воведуваме предлог измени во условите за аплицирање. Дополнително, ќе се променат начинот и условите на исплата, односно ќе се прават исплати тековно што ќе биде дополнителна помош и зголемување на ликвидноста на компаниите“, потенцира Битиќи.

Како една од најважните предлог измени во овој закон е и усогласувањето на поддршката со Рамномерен регионален развој за што вицепремиерот Битиќи посочи дека сите политики кои оваа Влада ги носи е значајно и приоритет да се усогласени со Рамномерниот регионален развој.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, информираше за прогресот на активности во подготовката на измените на Законот за работни односи, за измените кои се однесуваат за Недела неработен ден,  како и за усогласувањето на минималната плата.

Вицепремиерот Битиќи и министерката Шахпаска, посочија дека примената на законот за работни односи и Недела неработен ден, ќе бидат со одложена примена, од први јануари 2022 година и истото ќе важи и за измените и дополните во Законот за данок на имот, за кои зборуваше заменикот на министерот за финансии, Димитар Ковачевски.

Заменик министерот рече дека предлог Законот за данок на имот, веќе е во собраниска процедура, а образложи дека стапките на данок на имот остануваат во рамките во кои беа до сега, освен за освен за оние лица кои поседуваат повеќе единици на имот, и кои не се користат или не се во економска функција.

“Законските измени се во функција на цел зголемување на продуктивноста и зголемување на приходите по основ на данок на имот“, нагласи Ковачевски.

На иницијатива на МАСИТ, на оваа седница се разговараше и за поставување на минимален праг на основица за плаќање на придонеси, при што вицепремиерот Битиќи, посочи дека Владата останува посветена на она што е дел од програмата, а тоа е скалесто намалување на персоналниот данок во ИТ индустријата.

Како и на сите досегашни состаноци и овој состанок помина во конструктивна атмосфера, со отворени дискусии помеѓу вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и заменикот министер за финансии, Димитар Ковачевски и од друга страна претседателката на МАСИТ, Анета Андова Пешева, претседателот на Стопанска комора на Северо-западна Македонија Неби Хоџа, Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска и извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева Ѓуриќ.