Битка за тронот во авто-индустријата: Тојота и Фолксваген сè уште водат, но Кинезите им „дишат во врат“

Иако Кина е најголемиот производител на автомобили во светот, Тојота и Фолксваген се сè уште најголемите компании за автомобили.

Сепак, факт е дека кинеските производители брзо напредуваат на ранг-листата, додека некои традиционални брендови од Јапонија и Европа губат пазарен удел.

Најголемите компании за автомобили

Податоците од компанијата F&I Tools за периодот од 2020 до 2025 година покажуваат како се менувале позициите на најголемите светски производители на автомобили и кој остварил најголем раст, а кој забележал пад во изминатите пет години.

Тојота го задржа првото место на светската листа, додека Фолксваген остана втор. Хјундаи се искачи за една позиција на третото, додека Џенерал Моторс падна на четвртото. На петтото место е Стелантис, кој е создаден со спојувањето на Фиат Крајслер и француската групација ПСА.

По него следуваат Форд, кинескиот BYD, Хонда, која падна за три места, Сузуки, која напредуваше за дури четири позиции и Нисан, кој исто така забележа пад на ранг-листата.

Подемот на BYD

Во меѓувреме, Кина стана нов глобален центар на автомобилската индустрија. Додека традиционалните производители од Европа и Јапонија се соочуваат со предизвици, кинеските компании како BYD и Geely доживуваат силен раст.

Компанијата BYD не беше меѓу 15-те најголеми производители до 2023 година, само за да направи голем пробив во 2024 година со повеќе од 4,1 милиони продадени возила низ целиот свет.

BYD денес е еден од водечките производители на електрични автомобили и значително го надминува Tesla во однос на продажбата, и покрај фактот дека практично не е присутен на американскиот пазар. Сличен успех постигна и Geely, кој ја зголеми глобалната продажба од околу 1,3 милиони возила во 2020 година на повеќе од три милиони во 2025 година.

Одговорот на прашањето зошто кинеските автомобили привлекуваат сè повеќе купувачи може да се најде тука.

Американските производители под конкурентски притисок

Со исклучок на Chrysler, традиционалните американски производители на автомобили тешко го зголемуваат својот удел на светскиот пазар, особено под притисок на поевтината странска конкуренција.

General Motors (GM), кој сè уште е лидер во продажбата во Соединетите Американски Држави, продаде околу половина милион возила помалку во 2025 година отколку во 2020 година. Ford ја зголеми продажбата за околу 450.000 автомобили во истиот период.

За споредба, јапонскиот „Сузуки“ има повеќе од двојно зголемена продажба, од речиси 1,5 милиони возила во 2020 година на речиси 3,3 милиони во 2025 година.

Извор: Visual Capitalist