Биткоинот станува законско средство за плаќање во Ел Салвадор

44

Претседателот на централноамериканската држава Ел Салвадор, Нахиб Букеле, објави дека следната недела ќе предложи закон според кој биткоинот ќе стане законско средство за плаќање во таа земја.

Тој смета дека овој потег ќе ѝ помогне на земјата да напредува.

“Следната недела во Конгресот ќе испратам закон со којшто биткоинот ќе стане средство за плаќање во Ел Салвадор. Ова во краток временски период ќе создаде нови работни места и финансиска помош на илјадници лица кои се надвор од официјалната економија, а на среден и на долг рок се надевам дека оваа одлука ќе не однесе во правилна насока“, рекол Букеле.

Американскиот долар е официјална валута во Ел Салвадор, а една четвртина од жителите на оваа земја живеат во САД, па само минатата година во своите домови испратиле повеќе од шест милијарди долари.

Фото: Pexels