Биткоинот тоне: Накратко падна под 21.000 долари – голема распродажба на криптовалути

100

Биткоинот денеска во азиското тргување накратко падна под 21.000 долари, откако продолжи паничната распродажба на криптовалутите, но подоцна малку закрепна за време на трговската сесија и се движеше околу нивото од 21.800 долари.

Најголемата криптовалута во светот падна за речиси 14 проценти во последните 24 часа, додека Етереум ослабе за повеќе од 12 проценти во истиот период, според „Коинбејс“, пренесе CNBC.

„Сè пука во моментов, без разлика дали се работи за акции, крипто средства или било што друго. Она што го гледате на пазарот е страв, несигурност и сомнеж“, рече Нирмал Ранга, шеф на тргување и техничка анализа на берзата за криптовалути „ZebPay“.

Сериозен нокаут на крипто-средствата во понеделникот следеше кога платформите за тргување како што се „Целзиус“ и „Бајненс“ ги прекинаа повлекувањата, а некои компании дури и го затворија својот бизнис.

„Целзиус“ соопшти дека повлекувањата, размената и трансферите меѓу сметките ќе бидат суспендирани поради „екстремните пазарни услови“ и дека овој потег треба да ги „стабилизира ликвидноста и бизнисот“.

Во меѓувреме, „Бајнанс“, најголемата берза за криптовалути во светот, го блокираше повлекувањето на биткоин повеќе од три часа „поради застојот на трансакциите, што предизвика акумулација на нарачки и застој“.

Пазарната капитализација на криптовалутите падна под 1,0 трилиони долари во понеделникот, за прв пат од февруари 2021 година, покажаа податоците од платформата „КоинМаркетКап“. Во последните денови од пазарот се избришани околу 200 милијарди долари.

Распродажбата на криптовалутите дојде бидејќи инвеститорите главно бегаат од ризичните средства поради страв од потенцијална глобална рецесија, додека водечките централни банки ширум светот ги зголемуваат каматните стапки за да ја скротат инфлацијата.

Биткоинот падна за речиси 70 отсто од историскиот рекорд што го постигна во ноември 2021 година.