Бизнис ангели: Како и кога да се направи вистинската инвестиција?

88

Фото: Pexels

Дали, кога и како да се вложи се прашања на коишто секој бизнис ангел треба да најде одговори. Сепак, она што е тешко е да се одреди исходот, да се предвиди, да се погоди вистинскиот момент и идеја.

За среќа, оние поискусните имаат неколку совети за сите оние кои планираат да ја направат својата прва инвестиција.

Не инвестирајте сè одеднаш

Прво, треба да имате одредена сума на пари којашто планирате да ја вложите. Но, освен тоа треба да поседувате и останати средства за дополнителна инвестиција доколку бизнис идејата се покаже успешна. На тој начин добивате двојно повеќе.

Лични принципи за инвестирање

Секој бизнис ангел треба да одреди сопствени принципи за инвестирање уште од самиот старт, коишто треба да бидат појдовна точка за секоја одлука. Тука треба да бидат вклучени пет работи:
  • каков тип на поврат очекувате,
  • дали сакате да инвестирате во позната индустрија или би пробале и нешто ново,
  • колку пари сакате да вложите, за колкав временски период и во колку компании/стартапи,
  • дали сакате да “резервирате“ пари за повеќе инвестициски рунди,
  • за што сакате да бидете известувани од страна на компаниите/стартапите и колку сакате да бидете вклучени во развојниот пат и потенцијалите на идејата

Инвестирајте со други

Доколку инвестирате сами, а особено ако тоа ви е прва инвестиција, влегувате во голем ризик. Затоа, подобро е да соработувате со други поискусни инвеститори и заеднички да ја донесете вистинската одлука. Две глави мислат подобро од една.

Инвестирајте во тоа што го знаете

Подобро е да вложите во нешто што го знаете, во индустрија што добро ја имате истражено, отколку во бизнис за којшто немате многу податоци. Ако не сте доволно запознаени со проблематиката, начинот на работа и пазарот каде што идејата ќе се пласира, ризикувате многу.

Инвестирајте во луѓето

Кога инвестирате во старт – ап, вие инвестирате во луѓето, не во производот или услугата. Тие можат да се сменат со текот на времето, но тоа што останува исто се основачите и нивната страст за успех. Она што бизнис ангелот треба да се запраша во овој случај е дали луѓето се доволно посветени, истрајни и способни да издржат во стресни ситуации што речиси се неминовни на почетокот. Дали имаат доволно искуство во полето, дали добро се познаваат меѓу себе, дали би можел/а да соработувам со нив? Доколку имате некој негативен одговор, повторно размислете за инвестицијата.

Не се инвестираат само пари

Освен парите, бизнис ангелите инвестираат време, знаење и надеж дека идејата ќе успее. Обезбедуваат свое менторство, водство, поддршка, контакти и бизнис совети. Шансите за успешна инвестиција се далеку поголеми ако станете дел од развојниот процес.