Добро е да ја познавате бизнис културата кај турскиот народ пред да започнете со комуникација или соработка со бизнис партнери од оваа земја.
За бизнисмените од Турција состаноците се многу важни, па се препорачува да бидат закажани една до две недели порано. Сепак, бидете подготвени и на фактот дека состанокот нема да почне точно во договорениот термин.
Првиот состанок најчесто е формален, па затоа е важно да избегнувате премногу лежерен однос. Овие средби се користат за запознавање, па ретко се носат одлуки. На почетокот на состанокот турскиот колега ќе очекува да се ракувате, а доколку во тимот има жени, според тамошната култура, се очекува жената прво да пружи рака за поздравување.
Следните средби ќе значат дефинирање на соработката, па дури по некое време ќе се финализира договорот и ќе се стават потребните потписи. Турските бизнисмени не сакаат да работат под притисок и не сакаат кратки рокови.
Во Турција, според Businessculture.org, сè уште постојат голем број семејни компании, иако има и мултинационални компании што имаат повисока корпоративна култура. Турците сакаат да соработуваат со луѓе на кои им веруваат и се чувствуваат пријатно. Доколку почувствуваат дека нешто им криете, најверојатно ќе ја прекинат соработката.
При средбите, Турците претпочитаат формално обраќање, со господин и госпоѓа. Најпрво се поздравува највозрасната личност на состанокот, поради почитување, а најчестиот поздрав е Merhaba, што значи здраво.
Ако состанокот се одвива во некој ресторан, добро е да знаете дека Турците имаат едно правило, а тоа дека домаќинот секогаш ја плаќа сметката, а плаќањето по пола за нив е целосно непознат поим. На крајот на оброкот секогаш се нуди добро турско кафе, што е гест за гостољубивост и нема да биде учтиво ако го одбиете.
Кога се работи за деловниот дрес код, и Турците како и многу бизнисмени во светот, претпочитаат конзервативна облека, односно одело за мажите и формална облека за жените.
Турците важат за луѓе кои сакаат да разговараат, па многу го ценат контактот очи в очи.