
Стопанската комора верува дека новоименуваниот гувернер Трајко Славески ќе ги оправда очекувањата на деловната заедница и дека Централната банка, предводена од него, ќе продолжи да функционира независно и стручно.
Претседателот на Комората, Бранко Азески, вчера изјави дека за бизнисот е од суштинско значење стабилноста на девизниот курс и обезбедувањето на девизните резерви на државно ниво. Комората, исто така, очекува од Славески да ја интензивира соработката со реалниот сектор, особено во однос на добивањето веродостојни податоци врз основа на кои ќе се обезбеди реална евалуација на состојбата.
“Ние секогаш сме имале став дека Народната банка е многу значајна институција за општата стабилност на државата и за водење на бизнисот и секогаш сме имале почит и респект кон неа. Долги години наназад нејзината самостојност е загарантирана и на некој начин докажана во работењето. Мислиме дека тоа ќе продолжи зашто изборот на личностите тоа го гарантира.”
Тој додаде: “За нас е многу битно да кажат – продолжи стабилноста на курсот, девизните резерви да бидат на национално ниво поставени, обезбедени и на некој начин очекуваме од новиот гувернер да ја продлабочи соработката со реалниот сектор на начин што во градењето на проекциите за монетарната политика ќе има барем некаков оддел во Народната банка специјализиран за истражувања на елементите потребни за градење на ставот на Народната банка по клучните задачи кои неа и се поставени, тоа значи дека ние во тој процес би помогнале, но суштината е да се добиваат реални податоци кои ќе испорачуваат реална проценка на ситуацијата.”
“Се работи за многу професионална и многу значајна институција, мислиме дека Славески со кој сме имале добра соработка ќе го овозможи тоа и ќе ги исполни нашите очекувања,” нагласи Азески.











