Бизнисите и граѓаните нема да бидат погодени од новите ДДВ-измени, тврди Николовски

Измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност се најблаго речено многу коректни за бизнис заедницата и граѓаните и никого нема да „удрат по џеб“, а во Буџетот ќе се слеат дополнителни средства, оцени денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

Тој, како што рече, не очекува дека поради овие законски измени ќе се намали онлајн купувањето.

Со измените и дополнувањата на Законот за ДДВ што Собранието ги усвои минатиот месец и треба да стапат во сила, се укинува ослободувањето од ДДВ за пратките нарачани онлајн во вредност до 22 евра.

-Измените и дополнувањата на Законот се најблаго речено многу коректни за бизнис заедницата и граѓаните (физичките лица). Со измените, исто така, што е многу битно, земјава целосно ќе се усогласи со легислативата во ЕУ по овој основ, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Според него, анализите покажуваат дека драстични намалувања на купувањето онлајн не се очекуваат, а наплатата во Буџетот ќе се зголеми.