
Вредноста на казните предвидени со Законот за забрана на нефер трговски практики ќе се зголеми десеткратно ако трговците продлжат да се однесуваат вака и не го почитуваат законот, врз основа на којшто Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) досега изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување и се чекаат одлуки од судот за тие трговци, посочи денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Министерот Дурмиши посочи дека Законот за нефер трговски практики е во сила од јануари 2025 година и оти веќе се гледа, но и во наредните месеци ќе се следи како се спроведува од страна на трговците. Со законот, потенцираше, опфатени се над 2000 производи, за кои трговците треба да ги почитуваат правилата.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата изрече 30 казни на четири компании за картелско здружување и зголемување на цени со што влијаеја и на другите трговци да ги зголемат цените заедно со една стопанска комора. Сега постапката е во суд и се очекува да се донесат одлуки за овие трговци. Јас истакнав и пред неколку дена, а и претходно, дека доколку трговците продолжат да делуваат на овој начин и нема да го почитуваат законот ќе има измени на Законот каде вредноста на казната ќе се зголеми десет пати“, посочи Дурмиши.
Тој истакна дека во јануари според податоците од Државнот завод за статистика има намалување на инфлацијата од 0,7 проценти и стабилизација на цените.
Дурмиши оцени и дека „потрошувачката кошничка што секојдневно се промовира од синдикатите не е минимална, туку елитистичка кошничка бидејќи опфатени се многу производи кои ги користат семејствата“. – И тие коишто ја имаат изготвено Методологијата велат дека не е минимална кошничка, туку се прави за секојдневни политички разговори и јавноста да не биде правилно информирана колку трошоци има за еден месец, рече Дурмиши.
По седницата на Економско-социјалниот совет што се одржа завчера Дурмиши соопшти дека просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13 проценти поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите на Македонија. Доколку биде прифатена се очекува да биде во примена од крајот на месецив. Со неа се опфатени 101 производ и според Дурмиши, таа е реална, односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство.











