Бизнисот во страв: Забраната за изложување на тутунот ја „храни“ нелегалната трговија

Новиот предлог-закон за заштита од пушење не само што ги заострува правилата за консумација, туку директно влијае и врз приходите на компаниите од тутунската индустрија. Претставниците од оваа индустрија сметаат дека предложеното законско решение ќе влијае на намалување на бројот на работни места и на затварање на компании. Тутунската индустрија во Македонија учествува со значителен процент во БДП, извозот на тутун и цигари носи над 120 милиони евра годишно.

Предлогот на Законот за заштита од пушење и покрај декларираните цели за унапредување на јавното здравје, содржи низа рестриктивни мерки кои ја надминуваат рамката на заштита од пушењето и отвораат сериозни економски и социјални ризици. Предложените решенија, во својата сегашна форма, ќе имаат значителни негативни економски последици, пред сè врз државниот буџет, а потоа и врз работните места и легалниот пазар. Искуствата јасно покажуваат дека драстичните забрани не водат кон намалување и заштита од пушењето, туку напротив – создаваат сериозен контраефект преку раст на нелегалната трговија и поттикнување на сивата економија, велат за „Локално“ од претставници од тутунската индустрија.

Нагласуваат дека ниту една директива на Европската Унија не предвидува забрана за изложување на тутунски производи и други производи што содржат тутун и/или никотин, ниту пак ваква целосна забрана постои во земјите членки на ЕУ. Поради тоа, предложените решенија не се усогласени со европската регулатива и создаваат дополнителна правна и пазарна несигурност.

-Доколку законот се донесе во предложената форма, очекуваме значителен пад на легалниот промет, директно губење на јавни приходи и сериозен удар врз малите бизниси. Забраните што се предлагаат создаваат услови за затворање на илјадници мали трговски објекти, загрозување на егзистенцијата на околу 4.800 мали бизниси и губење на значителен број работни места, особено во секторите каде што продажбата на овие производи претставува важен дел од вкупниот промет, велат од индустријата
Целиот текст на Локално.мк