Black Friday: Како настана шопинг-манијата и кои работи не треба да ги купувате

77

Еден ден по Денот на благодарноста, кога и неофицијално започнува божиќната шопинг “треска“, во светот е познат како Црн Петок или Black Friday. За прв пат се среќава на крајот на 19-от век кога американскиот претседател Абрахам Линколн за Ден на благодарноста го прогласи секој последен четврток во месец ноември.

Но, во тој период ова шопинг лудило не го носеше името Black Friday, бидејќи тој поим се поврзуваше со 24-ти септември 1869 година, кога двајца шпекулатори направија вистински бум на пазарот на злато во Америка.

Black Friday добива на популарност во текот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век во САД. Во текот на тој период, голем број луѓе земале слободен ден по Денот на благодарноста, со што добиваат продолжен викенд од четири дена. Па, многумина од нив го користеле тој ден да заминат на шопинг. Претпоставените во компаниите, наместо да им ја намалат платата на оние кои тој петок користеле слободен ден или земале боледување, тие почнале да го пресметуваат како платен ден од одмор.

Веќе во 60-тите години, Black Friday се покажува во вистинско светло. Денот е наречен “црн“, бидејќи голем дел од трговците кои мака мачеле со “минусот“ во работата и условно биле во “црвена“ зона, тој петок поради зголемена продажба тријат раце од профитот и се наоѓаат во “црна“ или побезбедна зона.

Трговците го осознаваат потенцијалот и почнуваат да организираат големи попусти на нивните производи. Голем дел од продавниците за време на Black Friday се отворени уште во пет часот наутро, кога започнуваат да се создаваат долги колони од нетрпеливи купувачи, кои сакаат да ги искористат попустите што достигнуваат и до 90%.

Со развојот на технологијата и појавата на електронска трговија, голем е бројот на потрошувачи кои ги користат попустите од Black Friday и наместо да се туркаат во продавниците, тие од удобната фотелја во својот дом си купуваат онлајн.

Иако традицијата за Black Friday започнува во САД, денес тој ден е популарен и во: Канада, Велика Британија, Јужна Африка и голем број земји од Европа.

5 производи што не треба да ги купувате на Black Friday

Market Watch ја става облеката на прво место, верувале или не. Зошто? Се наведува дека најголемиот дел од попустот подразбира процент од 30%, но дека „можно е почетната сума (редовната цена) да е малку зголемена“. Дополнително, продавниците го користат овој период за „расчистување“ на дел од постоечките залихи, со цел да направат простор за претстојната сезона.

Конзолите за Плејстејшн 5 се исто така на листата, особено оваа година, со оглед на тоа колку беше тешко да се набават. Имено, нивното производство падна, поради глобалниот недостиг на чипови. Поради сето ова, конзолите нема да бидат на некои специјални попусти во 2021 година, барем во САД, а евентуално некои артикли ќе бидат намалени за околу 10% на сметка на бојата.

Market Watch понатаму наведува дека оние кои сакаат опрема за вежбање можеби ќе треба да чекаат за новогодишните попусти. Како што се посочува, тоа е период кога луѓето „носат важни животни одлуки“, а една од нив може да се однесува и на доведување во форма на телото / подобрување на здравјето. Брендовите играат токму на таа карта.

Во масовната продажба на телевизори на Black Friday , обично има некоја „финта“. Имено, моделите кои се продаваат тој ден најчесто се застарени, па ќе треба да се заменат или поправат за неколку години.

Петтото нешто по ред што не треба да го купувате кога е Black Friday во прашање е мебелот. Зошто? Ова не е нешто неопходно, задолжително, во тој момент. Сигурно имате некои „попаметни“ работи за купување.