Благ пад на индустриското производство во ЕУ и еврозоната во септември

22

Индустриското производство на ниво на Европската унија и еврозоната во септември е благо намалено во однос на претходниот месец,  покажа во петокот извештајот на Евростат.

На ниво на ЕУ, сезонски прилагоденото индустриско производство падна за 0,5 отсто во септември во споредба со август, кога падна за 1,5 отсто, се вели во извештајот на Евростат.

Во еврозоната се лизна за 0,2 отсто во однос на август, кога според ревидираните податоци на Евростат падна за 1,7 отсто.

Производството на капитални добра падна најмногу во септември во двете области и тоа за 0,9 отсто во ЕУ и за 0,7 отсто во еврозоната.

Во сегментот на интермедијарни производи, производството во ЕУ стагнира, а во еврозоната се лизна за 0,2 отсто. Најголем месечен раст на производството во ЕУ на месечна основа забележа секторот на трајни производи за широка потрошувачка, од 0,8 отсто, додека во еврозоната секторот на нетрајни производи за широка потрошувачка водеше со раст на производството од еден процент.

Производството на енергија се зголеми за 0,4 отсто во ЕУ и стагнираше во еврозоната.