Благ пораст на производството на нуклеарна енергија во 2023 година во земјите на ЕУ

Во текот на 2023 година, 13-те земји на Европската унија со производство на нуклеарна енергија произвеле 619.601 гигават-часови (GWh) електрична енергија, што е зголемување за 1,7 отсто во споредба со 2022 година.

Нуклеарните централи од овие 13 земји учествуваа со 22,8 отсто од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ, соопшти Европската статистичка служба – Евростат.

Најголемиот производител на нуклеарна енергија во ЕУ, Франција, произведе 54,6 отсто од нуклеарната енергија во ЕУ (338.202 GWh). Следуваше Шпанија со 56.873 GWh (9,2 отсто), пред Шведска (48.470 GWh или 7,8 отсто) и Финска (34.308 GWh или 5,5 отсто).

Германија произведе вкупно 7.216 GWh на почетокот на 2023 година пред целосно да го прекине нуклеарното производство во април. Оваа земја од ЕУ беше втор најголем производител во блокот до 2021 година.

Земјите од ЕУ кои најмногу се потпираат на нуклеарна електрична енергија во 2023 година беа Франција (65 отсто од целата произведена електрична енергија) и Словачка (62 отсто). Спротивно на тоа, само 1,4 отсто од електричната енергија произведена во Германија и 3,3 отсто во Холандија доаѓа од нуклеарните централи.