
Економската активност во еврозоната порасна во јули со малку побрзо темпо отколку во јуни, но остана слаба поради падот на побарувачката, покажа анкета објавена во вторник.
Композитниот индекс на менаџери за набавки (PMI) на HCOB за еврозоната, составен од S&P Global, малку се зголеми на 50,9 во јули од 50,6 во јуни, малку под прелиминарната проценка од 51,0. Вредностите на PMI над 50,0 укажуваат на раст на активноста, додека оние под 50 укажуваат на пад, објавува Investing.
Јулската вредност на индексот, највисока во последните четири месеци, сепак се карактеризира со слабост, бидејќи е под долгорочниот просек од 52,4, што укажува на постојана слабост на економијата на еврозоната, која вклучува 20 земји. Активноста во секторот на услуги порасна малку побрзо, при што PMI за услуги се искачи на 51,0 од 50,5 во јуни.
„Ова може да биде добро лето за давателите на услуги. Во Италија и Шпанија, деловната активност се зголеми во јули посилно од претходниот месец, додека Германија, по неколку тешки месеци, конечно се врати во зоната на раст“, оценуваат економистите на Hamburg Commercial Bank.
Вкупниот број на нови нарачки остана практично непроменет, како и во јуни, додека извозните нарачки продолжија да се намалуваат 41-ви месец по ред, што продолжува да го ограничува растот. Композитниот индекс на нови нарачки малку се зголеми на 49,8 од 49,7.











