Благој Ѓорев доби Халал сертификат од Исламската заедница

59

halal

Компанијата за преработка на маслодајни семиња Благој Ѓорев АД од Велес, доби Халал сертификат од Исламската верска заедница. Станува збор за примарен, принципиелен, документ кој потврдува дека процесот на производство, како и самите сосотојки кои се користат во него се во согласност со суштествените муслимански принципи.

Производите исто така се во согласност со меѓународни хигиенски стандарди, со меѓународниот систем за производство на сигурна храна НАССР и по глобалните стандарди за храна BRC. Благој Ѓорев е меѓу 14-те компании во Македонија која го поседува овој сертификат.

“Овој сертификат е уште една потврда дека произведуваме здрава и безбедна храна, која ги исполнува и потребите на муслиманската заедница. Со овој чин искрено се надеваме дека ќе го интензивираме извозот на соседните пазари во Косово, Албанија, Босан и Херцеговина и Црна Гора, каде и досега бевме присутни со добро познатото масло за јадење Кристал, повеќе видови на маргарини, како и други производи од нашиот широк асортиман”, изјавија од Благој Ѓорев.

„Агенцијата за Халал Стандардот прави напори производите што ќе добијат сертификат за Халал производ да бидат на исто ниво со производите на разни светски компании. Нашата најважна цел е обезбедување на производи со висок квалитет, дозволени за сите припадници на различни вери. Ние гарантираме дека за производите на Благој Ѓорев е обезбедено следење и контрола во сите фази на производство почнувајќи од приемот на сите влезни суровини, па се до излезот на готови производи во маркетите за широка потрошувачка“, изјави Абаз Ислами од агенцијата за Халал Стандарди.

Покрај маслото за јадење и маргаринот, во основните производи на компанијата спаѓаат и растителната маст и растителната мрс, а компанијата на пазарот нуди и висококвалитетни производи за широка потрошувачка: далеку прочуената велешка таан алва, локумот со разни вкусови, желе бонбони, пакувањата од кокос, сусам, какао, алкохолен и јаболков оцет, како и зачинот Кристал кој изобилува со најразлични видови сушен зеленчук.