Близу ДООЕЛ Скопје станува и официјално дел од оне.Вип ДОО Скопје, односно согласно законската регулатива спроведена е постапка за присоединување на компанијата Близу Медиаенд Броудбенд ДООЕЛ Скопје (Близу ДООЕЛ Скопје) кон компанијата оне.Вип ДОО којашто се очекува да биде завршена на трети мај 2016 година.
Со оваа постапка на присоединување, оне.Вип во целост го презема исполнувањето на сите досегашни права и обврски кон постојните корисници на услуги и добавувачи на производи и услуги на Близу ДООЕЛ Скопје, ќе настапува како оператор за обезбедување комуникациски услуги и ќе ги издава и доставува сите месечни сметки за користените услуги, кои се издадени по датумот на присоединување.
Корисниците на Близу и понатаму ќе продолжат да ги користат комуникациските услуги под истите услови како и досега и со истите цени согласно претплатничкиот договор и избраниот тарифен модел, преку истата мрежа и друга веќе доделена комуникациска опрема. Воспоставениот претплатнички однос ќе продолжи да се применува помеѓу корисниците и оне.Вип ДОО Скопје, којшто од сега па натаму ќе настапува како оператор што ќе ги обезбедува комуникациските услуги за корисниците на Близу и ќе ги издава и доставува месечните сметки за користените услуги.
Со присоединувањето на Близу кон оне.Вип,се официјализира конвергентната стратегија на оне.Вип, што ќе донесе понатамошно збогатување на понудата, унапредување на квалитетот и развој на иновативни услуги базирани на најнапредни технологии со уште повеќе придобивки за корисниците.