Блокадата на бродот Ever Given во Суецкиот канал чини 9,6 милијарди долари дневно

170

Напорите за отстранување на 400-метарскиот контејнерски брод, што го блокира сообраќајот во Суецкиот канал, продолжуваат и денеска во текот на плимата, при што пет реморкери се обидуваат да го извлечат бродот во подлабоките води.

Груба проценка покажува дека блокадата чини околу 9,6 милијарди долари дневно во сообраќајот, врз основа на проценките кои сугерираат дека сообраќајот на запад вреди околу 5,1 милијарди долари на ден, а сообраќајот на исток околу 4,5 милијарди долари. Во средата 185 пловни објекти чекаа да го преминат каналот.

Бродот Ever Given во вторникот утрината се попречи, на двата брега на каналот, откако ја загуби способноста да биде управуван поради силниот ветер и песочната прав, се наведува во соопштението на Суецкиот канал (СЦА).

Во моментов е блокиран сообраќајот во двата правца преку еден од најфрекфентните канали за испорака за стоки, масло, жито и други производи во светот, што ги поврзува Азија и Европа.

Компанијата за поморски услуги ГАЦ во текот на ноќта издаде соопштение до клиентите во кое наведува дека продолжуваат напорите за ослободување на бродот со бродови влекачи, но дека ветерот и големината на бродот ја “отежнуваат работата“.

Питер Бердовски, директор на компанијата Боскалис, кој е вклучен во ослободувањето на бродот, изјави дека е рано да се каже колку време ќе трае работата.

“Не можеме да исклучиме дека ќе трае неколку недели“, рече Бердовски.

“Бродот е како огромен насукан кит. Неговата огромна тежина лежи на песокот. Можеби ќе треба да комбинираме влечења, отстранување песок и да ја намалиме тежината на самиот брод со отстранување контејнери, масло и вода од бродот”, додаде тој.

Софтверот за следење бродови покажува пет бродови риморкери околу Ever Given и уште три што се упатени кон него. GPS сигналот на бродот покажува само мали промени во положбата во текот на последните 24 часа.

Десетици бродови, вклучувајќи и други големи бродови со контејнери, танкери со нафта и за превоз на големо, што превезуваат жито, се наоѓаат на едниот или од другиот крај на каналот во една од најлошите поморски застои што не е виден во последните неколку години.

Низ Суецкиот канал, долг 163 километри, секојдневно минува приближно 30 % од светскиот сообраќај со контејнерски бродови и околу 12% од вкупната светска трговија со сета стока.

Експертите предвидуваат дека доколку блокадата не може да се надмине во следните 24-48 часа, некои бродски компании ќе бидат принудени да ги пренасочат своите бродови околу јужниот дел на Африка, што патувањето ќе им го продолжи за околу една недела.

Јапонскиот сопственик на огромниот товарен брод Ever Given, што два дена е заглавен во Суецкиот канал, денеска се извини за инцидентот што ја нарушува глобалната пловидба преку овој светски значаен сообраќаен крвоток.

Американските медиуми пренесуваат дека сопственикот Шоеи Кисен се извини за “огромната загриженост што инцидентот ја предизвика кај другите бродови и нивните сопственици“.

Тој додаде дека со неговата компанија и локалните власти работат бродот да отплови од каналот, но дека „операцијата е исклучително тешка“.

Ever Given, бродот долг колку зградата Empire State Building во Њујорк, што носи товар меѓу Азија и Европа под знамето на Панама, попречно се насука во вторникот утрината, во вештачкиот канал што ја дели континентална Африка од Синајскиот полуостров, откако изгуби контрола поради силните ветрови и пустинската прав.