
Во третиот квартал од оваа година, германскиот автомобилски гигант Мерцедес забележа пад на продажбата од четири отсто на годишно ниво, на 510.600 возила, пренесува германската новинска агенција (dpa).
Според Мерцедес, продажбата била забавена поради нестабилниот пазар, промената на моделот Е-класа и недостатокот на единици од бараната линија GLC поради тесните грла во каналите за набавка, односно намаленото производство.
Во првите девет месеци од 2023 година, Мерцедес сепак забележа раст на продажбата од два отсто, на 1.529.800 единици.
Продажбата, инаку, е во согласност со претходните проценки на компанијата од Штутгарт, која годинава очекува приближно исти бројки како и во 2022 година, пренесува магазинот Fenix.
Локалниот конкурент од Минхен, BMW, во исто време значително ја зголеми продажбата и ја зацврсти водечката позиција во светот на производителите на автомобили од премиум сегментот.
Од почетокот на јули до крајот на септември, Баварците на клиентите им испорачале 622.000 примероци, речиси шест отсто повеќе од претходната година, а од јануари до септември ја зголемиле продажбата за пет отсто на 1,836 милиони единици.
BMW исто така се соочи со доцнење во испораката на делови, но имаше помалку проблеми со темпото на производство.












