BMW лани со благ пад на продажбата

93

Баварскиот автомобилски гигант BMW минатата година продаде околу 2,4 милиони автомобили, што е за речиси 100.000 помалку од претходната година. Сепак, продажбата на целосно електрични возила е повеќе од двојно зголемена, пренесува германската новинска агенција dpa.
Под марката BMW се продадени 2,1 милион автомобили, што е помалку од претходната година кога беа продадени 2,2 милиони.

„Многу сме горди што брендот BMW останува број еден во глобалниот премиум сегмент“, објави групацијата. Пред тоа, германскиот производител на автомобили Mercedes-Benz, со седиште во Штутгарт, беше број еден неколку години.

Освен истоимената марка, BMW Group ги вклучува и Mini и Rolls-Royce.

Во 2022 година, BMW забележа многу голем број нарачки за електрични автомобили од типовите i4, iX, iX1 и i7, објасни портпаролката на концернот.

Како резултат на тоа, уделот на целосно електричните возила на BMW и Mini беше речиси 10 проценти од вкупната продажба. Целта за оваа година е тој удел да се подигне на 15 проценти, објаснуваат од BMW.

Изминатата година главно беше обележана со недостаток на чипови, строги мерки за сузбивање на епидемијата на Ковид-19 во Кина и инфлација во Европа. Сите овие фактори го забавија производството и побарувачката.