Бочварски – Сабев: Ги разгледуваме можностите за авиолинија Скопје – Софија и либерализација на товарниот транспорт за трети земји

55

Воведувањето на нова авиолинија од Софија до Скопје ќе допринесе во зближување на двата народи, како и развој на економските односи и туризмот. Во следниот период до одржување на заедничката седница на Владите на Република Северна Македониија и Република Бугарија кон крајот на овој месец, ќе се договорат деталите околу воведување на авиолинијата.

Ова го договорија двајцата министери за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев при денешната официјална посета на владината делагација од Бугарија, предводена од премиерот Кирил Петков.

На средбата министерот Бочварски го отвори прашањето за либерализација на транспортот на стока за и од трети земји. Двајцата министри договорија соработка на мешовити комисии за транспорт кои треба да работат на условите на целосна либерализација на транспортот на стока.

Исто така, министерот го потенцираше и прашањето за модернизација на граничните премини, како и отворање на нов граничен премин Клепало, кај Берово.

Во однос на железничкиот Коридор 8, се разговараше за изградба на заедничкиот граничен тунел што ќе ги поврзе овие две земји како дел од проектот за железничко поврзување. Министерот Бочварски информираше дека вкупниот проект ќе чини преку 600 милиони евра, со тоа што делницата од Куманово до Крива Паланка ќе започне со изградба на пролет, а делот од Крива Паланка до границата со Бугарија веќе следната година.

Во делот на патната инфраструктура, Република Северна Македонија инвестира преку 200 милиони евра во модернизација на патната мрежа кон Република Бугарија, со тоа што веќе средината на  2023 година со изградбата на експрениот пат Ранковце – Крива Паланка ќе имаме нова, модерна и безбедна патна делница од Скопје до граничниот премин Деве Баир.

Двајцата министри договорија интензивни средби се со цел побрзо регионалното поврзување и реализација на проектите од заеднички интерес.