Бочварски: Вложуваме преку 70 милиони денари за рехабилитација на улиците во град Скопје

19

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денес извршија увид во градежните активности на улица „Париска“.

Средствата за рехабилитација на оваа улица се обезедени преку Проектот за поврзување на локални патишта, проект со кој се вложува во модернизација на патни правци низ цела држава.

„До сега имаме потпишано меморандуми со преку 30 градоначалници низ државата, односно локални самоуправи, вклучувајќи и неколку општини во градот Скопје.

За реконструкција на улица „Париска“ инвестираме 8 милиони денари и особено сум задоволен што и ние како Министерство, покрај локалните единици, вложуваме во подобрување на патната инфраструктура во главниот град.“ – изјави министерот Бочварски.

Исто така, тој информираше и за останатите проекти во патната инфраструктура кои преку Министерството се реализираат во град Скопје.

„Со Проектот за поврзување на локални патишта опфатени се многу улици во Скопје, меѓу кои, рехабилитација на улица „Рајко Жинзифов“ во општина Кисела Вода каде инвестираме 16 милиони денари, во општина Шуто Оризари инвестираме 9 милиони денари, преку Град Скопје реконструкција на булевар „Киро Глигоров“, инвестиција вредна повеќе од 23 милиони денари и во општина Ѓорче Петров вложуваме 12 милиони денари.

„Вкупната вредност на инвестициите во главниот град за рехабилитација на патната инфраструктура изнесува 70 милиони денари.“ – извести министерот за транспорт и врски, Бочварски.

Градоначалникот Богоев во својата изјава истакна дека општината вложила во многу инфраструктурни проекти во изминатите 4 години.

„Улицата „Париска“ го поврзува булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Прашка“. И покрај агресивната и непланска урбанизација, во изминативе четири години навистина вложивме во подобрување на инфраструктурата во овој дел.
Работевме и на поставување на нова канализациона мрежа на „Варшавска“, а пробивме и сервисна улица меѓу „Прашка“ и булеварот „М.Т.Гологанов.“ – изјави Богоев.

Градоначалникот се заблагодари на министерот Бочварски и централната власт за поддршката што ја добива општина Карпош и изрази надеж дека добрата соработка ќе продолжи во иднина.