Американскиот производител на авиони Boeing заедно со компанијата South African Airways и со данската компанијата за производство на биодизел SkyNRG работат на заеднички проект за претворање на зрната тутун во гориво за авиони.
Холандската компанија во Јужноафриканската Република работи на производство на хибридни видови на тутун без никотин под името Соларис, а се очекува производството на биогориво да започне во рок од неколку години, стои во заедничкото соопштение на трите компании, што го пренесува Associated Press.
“Првично, маслото од семе ќе се претвори во гориво за авиони. Boeing очекува со користењето на овие технологии да се зголеми производството на биогориво и од други видови на растенија“, наведуваат компаниите.
Биогоривото што се користи во авиоиндустријата, произведено од обновливи извори како што се растенијата, може да ја намали емисијата на штетни гасови за 50% до 80%. Од 2011 година, кога е дозволена употребата на биогориво во авионите, реализирани се повеќе од 1.500 летови, користејќи го ова еколошко гориво.
Претходно оваа година, Boeing соопшти дека со партнерите од Блискиот исток работат на производство на биогориво од растенија што ги има во пустината наводнувани со морска вода.