Богатите Руси го префрлаат богатството во Дубаи

122

Богатите Руси се преокупирани со трансфер на барем дел од своето богатство од Европа во Дубаи за да го заштитат својот имот од поостри санкции против Русија поради инвазијата на Украина, изјавија финансиски и правни извори, објави Фајненшал тајмс.

Дубаи, финансиски и деловен центар познат по недостигот на строга регулатива, долго време е познат како магнет за ултрабогатите во светот, а одбивањето на Обединетите Арапски Емирати да застанат на страната на Западот и Москва беше сигнал до Русите дека нивните парите би биле безбедни. ОАЕ се воздржаа од осуда на руската инвазија на Украина за време на гласањето во Советот за безбедност на ОН. Емиратите, кои ги продлабочија врските со Русија во последниве години, не воведоа санкции од западен стил, ниту пак централната банка на ОАЕ издаде инструкции за санкции од САД и европските сојузници.

Во секој случај, богатите Руси во моментов во Лондон и Швајцарија се обидуваат да го пренесат своето богатство на безбедно, изјави банкар во голема швајцарска приватна банка.

Ова го потврди и адвокат во Дубаи, кој рече дека неговата компанија добила прашања од руски поединци и компании за тоа како тие брзо можат да префрлат „значителни средства“ во вредност од стотици милиони долари во арапската земја во Персискиот залив.

„ОАЕ е погодно место (за бизнис) – на само неколку часа и без регулатор што е во договор со западните регулатори“, рече менаџерот за инвестиции.

Руски клиенти со сметки во приватни банки, откри еден банкар, отвораат сметки во регионалната канцеларија на истата банка во ОАЕ, додека некои други отвораат сметки во локалните банки. Тие исто така се обидуваат да инвестираат пари во недвижен имот и фондови кои не откриваат информации за имотот.

Дубаи, исто така, долги години е многу популарна туристичка дестинација за Русите и е на самиот врв по бројот на посети и по бројот на купувачи на недвижнини.

Во 2018 година, ОАЕ воведоа „златна“ визна програма која на инвеститорите и другите професионалци им нуди 10-годишна дозвола за престој. Канцеларијата за медиуми, Министерството за надворешни работи и централната банка на ОАЕ не одговорија на прашањето колку руски пари моментално се слеваат во Дубаи.