Богатите туристи можат да се преселат на Бали до 10 години

92

Индонезија воведува нова виза чија цел е да привлече богати странци и да ја зајакне економијата на земјата.

Земјата се фокусира на својот туристички главен град Бали, во обид да привлече долгорочни посетители. Новата виза за „втор дом“ е достапна за пет или 10 години и ќе стапи на сила на 25 декември оваа година, се вели во соопштението за медиумите.

Апликантите мора да префрлат најмалку две милијарди индонезиски рупии (околу 130.000 американски долари) во земјата, а средствата мора да бидат депонирани во индонезиските државни банки.

„Целта е да се привлечат странски туристи на Бали и на разни други дестинации“, рече вршителот на должноста генерален директор за имиграција Видодо Екаџахјан, на официјалното претставување на визата во вторникот.

Надлежните се надеваат дека новиот вид виза ќе ги донесе оние кои би можеле „позитивно да придонесат за индонезиската економија“.

Овој потег следи по слични одлуки на земји како Нов Зеланд и Португалија, кои неодамна воведоа „дигитални номадски визи“ за да ги искористат предностите на работниците од далечина кои сакаат да работат во странство откако пандемијата ги промени традиционалните работни навики и правила.

Повеќе од десетина други земји започнаа слични програми за да привлечат млади хонорарци желни за патување.

Дигиталниот номадски начин на живот се здобива со популарност бидејќи стиловите на работа предизвикани од пандемијата, како што е далечинското, стануваат се почести.

Инсајдер пишува дека минатата година 15,5 милиони Американци биле идентификувани како дигитални номади.