Почетна Новости Боинг призна дека неговиот авион бил небезбеден: Ќе им плати отштета на...

Боинг призна дека неговиот авион бил небезбеден: Ќе им плати отштета на семејствата на загинатите

78

Компанијата Боинг ја призна одговорноста и ќе ја надомести штетата по тужбата на семејствата на 157 лица кои загинаа во падот на авионот 737 MAX на авиокомпанијата Етиопијан ерлајнс во 2019 година.

Како резултат на договорот меѓу американската компанија и семејствата, адвокатите на жртвите нема да бараат казнена отштета, а Боинг нема да ги оспорува тужбите поднесени во американската сојузна држава Илиноис, пренесуваат американските медиуми.

Боинг се залага да обезбеди сите семејства кои ги загубиле своите најблиски во несреќата да бидат целосно и правично компензирани за нивната загуба, соопшти вчера производителот на авиони.

Адвокатите на жртвите изјавија во соопштение дека Боинг, според претходниот договор, признал „дека моделот „737 MAX“ бил во небезбедна состојба и нема да се обиде да обвини некој друг за несреќата“.

Судијата за следниот вторник закажа рочиште за договорот меѓу компанијата и семејствата на жртвите во несреќата.

Најпродаваниот авион на Боинг беше приземјен цели 20 месеци откако 346 лица загинаа во две несреќи на 737 MAX, во Индонезија во 2018 година и во Етиопија во 2019 година.

Авионот се врати во употреба откако компанијата направи значителни подобрувања во софтверот и обуката.

Британските медиуми наведуваат дека двете несреќи веќе ја чинат компанијата Боинг околу 20 милијарди долари.