Боинг укинува 17.000 работни места

82

Боинг ќе ја намали работната сила за една десетина, отпуштајќи 17.000 вработени, и ќе го пролонгира производството додека производителот на авиони се справува со неколку проблеми.

Извршниот директор Кели Ортберг во писмо до вработените кажа дека загрозени се работните места на директори, менаџери и работници.

Американската компанија исто така предупреди дека има загуби во одделот за производство на оружје и воена опрема и дека ќе се одложи датумот на испорака на авионот 777Х.

Веста за отпуштањата доаѓа среде штрајкови на работниците и грижите околу квалитетот на авионите на Боинг.

Ортберг вели дека отпуштањата ќе се случат во наредните неколку месеци.

„Состојбата на нашиот бизнис и закрепнувањето во иднина бараат тешки одлуки“, вели тој.

Во Боинг веќе месец дена штрајкуваат околу 33.000 работници, кои бараат подобри плати. Разговорите со менаџментот пропаднаа неделава и главниот преговарач на синдикатот Џон Холден рече дека штрајкот може да потрае.

Компанијата веќе е ставена под надзор на Конгресот откако во јануари се откачи панел на авион 737-макс кусо по полетувањето. Немаше повредени, но тогашниот извршен директор на Боинг Дејв Калхун рече дека компанијата ја признава грешката.