Одлуките и политиките на Народната банка се засноваат на податоци и проекции, за кои централната банка преку примена на голем број аналитички алатки, модели и анкети настојува да добие прецизни прогнози, посочи извршната директорка на Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан, во својата дискусија на конференција во организација на Светската банка, со поддршка на ЕУ, којашто се одржа во Загреб, Хрватска. Целта на настанот беше зајакнување на капацитетите за проектирање и моделирање за макрофискалната политика во регионот на Западен Балкан, преку размена на искуствата на институциите во регионот за моделите коишто ги користат за макроекономските проекции и за одржливоста на долгот.
На панел-дискусијата којашто се однесуваше на проекциите на централните банки, Бојчева-Терзијан ги презентира искуствата и процесите коишто се применуваат при изработката на макроекономските проекции од страна на Народната банка, како и последните очекувања за инфлацијата, растот и за клучните параметри во рамките на надворешниот и монетарниот сектор.
На конференцијата беше истакнато дека со точни прогнози се гради довербата и се намалуваат несигурноста и ризиците, се подобрува кредибилитетот на земјата и може да се дојде до подобар кредитен рејтинг и повеќе инвестиции. Со помош на постојаните точни прогнози се гради довербата кај јавноста во институциите, што е од клучно значење за ефективно спроведување на политиките, особено во периоди на значајни економски и геополитички предизвици.