Боливуд во Хрватска – индиски филм ќе се снима во Дубровник

73

fan

Индиската компанија Yash Ray Films, од 16-ти до 25-ти март оваа година, во Дубровник ќе го снима филмот Fan во режија на Манеша Шарма, со познатиот индиски актер Шах Рук Кан во главната улога, пишува Дубровник прес.

Компанијата Formula Film во соработка со индиската компанија ќе ги преземе сите потребни активности за организација на проектот, а се очекува за снимањето да бидат ангажирани околу 150 статисти и 50-тина членови на тимот.

Боливудската индустрија е најголема филмска индустрија во светот, а се очекува овој филм да го гледаат повеќе од 50 милиони лица.

“Дубровник во филмот нема да послужи само како кулиса за некои други локации, туку ќе ја претставува вистинската локација во модерно време, што е исклучително важно за промоција на оваа дестинација“, вели Борис Дмитровиќ, директор на продуцентската куќа Formula Film.

Снимањето на филмот започна во септември минатата година во Индија, а освен во Дубровник ќе се снима и во Лондон.

Овој хрватски приморски град е атрактивен за филмската индустрија, па така минатата година беше најавена изградба на тематски парк за потребите на популарната телевизиска серија Game of Thrones.