Борел: ЕУ е спремна да ги измени санкциите

56

Високиот претставник на Европската комисија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека санкциите против Русија „не се виновни за високите цени на храната и вештачките ѓубрива“. Сепак, според неговите зборови, ЕУ е отворена за можност за нивно менување доколку имаат „индиректен ефект“ на пазарите.

Тој оцени дека има економски актери што „претеруваат“, како и дека увозот на пченицата и вештачките ѓубрива не е попречен поради санкциите на ЕУ поради руската инвазија на Украина, пренесува шпанската агенција ЕФЕ. „Доколку има некој феномен што влијае на рускиот извоз, секако дека ќе го проучиме и елиминираме“, рече Борел.

Високиот европски функционер предупреди дека „рускиот наратив“ е обид „да му се претстави на светот“ дека европските санкции предизвикуваат високи цени на храната и енергијата, но инсистираше дека санкциите предложени од ЕУ „изрично ги исклучуваат храната и ѓубривата“.

„Не можеме да дозволиме Русија вината да ја префрла на санкциите, но доколку се случат такви работи што може да имаат индиректни последици, нема сомнеж дека ќе ги предупредиме операторите такви работи да не се случуваат“, изјави шефот на европската дипломатија.

Во врска со тоа, тој рече дека санкциите против Русија немаат никакви реперкусии врз цената на енергетските производи и додаде дека од нивното воведување „цената е намалена“. Цените на енергијата „остануваат високи“ бидејќи пораснаа во јануари, пред да почне руската воена интервенција во Украина, објасни Борел.

Тој посочи дека санкциите „секако имаат ефект“, иако не веднаш, и покрај „гласовите што се разликуваат“ од таа политика, а Русија „ќе увиди дека е погодена“ во најкритичните сектори, како што е технологијата.

Санкциите „нема да доведат до тоа војната да заврши утре“, нагласи Борел, но „мора да се продолжи да се врши притисок“ врз владата во Москва да ја запре инвазијата и другите воени дејства, нагласи Борел. „Мораме да ги ставиме нашите карти на маса“, заклучи високиот претставник на ЕУ.