БОРКА и AVON по 10-ти пат, заедно ќе чекорат на Напред розово

46

Во недела, на 7-ми октомври, во Градскиот парк во Скопје кај Школка традиционално 10-та година по ред ќе се одржи настанот Напред розово. Со овој настан се одбележува 10-от јубилеј на оваа национална кампања за подигање на свесноста за ракот на дојка, во организација на Здружението за борба против рак БОРКА – за секој нов ден и амбасадата на САД во Македонија, а оваа година во партнерството со компанијата AVON.

Компанијата AVON, како долгогодишен стратешки партнер и поддржувачна Борка, во рамките на настанот ќе ја промовира и својата кампања Допирај се розово,со што ќе даде свој придонес во подигањето на свеста за ова заболување и начините за нејзиното превенирање и рана детекција.

Со лансирањето на кампањата, AVON има чест да ја објави донацијата во вредност од 15.000 долари за поддршка на активностите на Борка во доменот на борба против ракот на дојка. Средствата ќе бидат наменети за поддршка на мобилната СОС линија за пациентите кои боледуваат од рак и нивните семејства, како и за едукација на граѓаните во Македонија за ризиците и начините за превенција и рана детекција на ова заболување, со посебен акцент на младата популација.

Како компанија за жени AVON уште од 1992-ра година на глобално ниво секојдневно е посветена на зголемувањето на свесноста за ракот на дојка. До денес, компанијата на светско ниво донирала 800 милиони долари, едуцирала 180 милиони жени за оваа болест, и обезбедила бесплатен скрининг за над 20 милиони жени, сето тоа преку продажба на производите од специјалната линија со розова панделка, чиј приход е 100% наменет за активности за борба против ракот на дојка. Во Македонија, заклучно со оваа година AVON има донирано околу 4,5 милиони денари,  а заедно со Борка ја основаа и првата и единствена бесплатна СОС линија за поддршка.

“Горди сме со постигнатото, но знаеме дека има уште многу да се стори. А заедно со нашето семејство од 6 милиони Претставници, ние знаеме дека можеме да направиме промена. Во Македонија, нашето повеќегодишно партнерство со БОРКА ни значи многу, бидејќи мисијата на самата компанија секогаш е насочена кон охрабрување на жената на секој можен начин, а розовата боја веќе стана препознатлив симбол за нејзино истакнување. Оваа последна донација од 15.000 долари значи дека ние и понатаму активно ќе партиципираме во изнаоѓањето начини за спречување и справување со оваа болест“, изјави Марина Цигарида, Заменик Национален Менаџер за продажба во AVON Македонија.

Овој марш ќе им понуди на граѓаните едукација информативни разговори, поддршка и дружење со помош на кои ќе се запознаат со симтомите и раното откривање на оваа болест.

Целта на овој проект е да се создаде информирано и едуцирано население, да се зголеми стапката на преживување, но и да се подигне оваа борба на повисоко ниво кај здравствените институции со цел обезбедување на современа, навремена терапија и подобрување на квалитетот на живот на сите кои се соочуваат со оваа болест.

“БОРКА веќе 11 години континуирано се грижи за пациентите и нивните семејства, а преку организирање на оваа кампања испраќа порака до сите креирачи на здравствените политики да ги препознаат потребите на овие пациенти и да го стават ракот како приоритет во нашиот здравствен систем.  Затоа би сакала да ве поканам сите во недела во 11 часот пред Школка,  да се придружите на Борките од цела Македонија,  да им дадеме поддршка на оние кои се соочуваат со оваа болест и да се обединиме сите во борбата против ракот на дојка, затоа што оваа борба е наша, заедничка!“, вели Биба Додева, основач и претседател на здружението БОРКА.

Кампањата не случајно се одржува во месецот октомври – светскиот месец посветен на борбата против ракот на дојка, кога граѓанските организации, здравствените работници и владините институции од целиот свет,активно работат на подигнување на свеста за оваа болест.

Повеќе детали за настанот и програмата можете да дознаете на следниот линк.

Деталите за кампањата на AVON, Допирај се розово, се достапни тука.