Bosch испрати предупредување до производителите на автомобили

174

Глобалниот пазар на автомобили забрзано се движи кон целосна електрификација, а многу електрични возила ќе имаат технички решенија од Bosch.
Меѓутоа, мултинационалниот снабдувач на автоделови го посочува недостатокот на природен гас во Европа како пример за опасностите од прекумерното потпирање на само еден извор на гориво.

Од почетокот на конфликтот во Украина, цените на природниот гас вртоглаво пораснаа, а ситуацијата стана уште потешка во последните недели, бидејќи Русија, која го снабдува поголемиот дел од Европа со својот гас, го затвори гасоводот Северен тек 1.

„Во моментов ги гледаме последиците од недостигот на гас за Германија и Европа бидејќи подготвивме премалку алтернативи. Во автомобилската индустрија, треба да ја искористиме оваа прилика да се запрашаме што можеме да направиме ако има премалку ќелии на батерии“, рече Маркус Хејн, директор за мобилност во Bosch.

Кина во моментов е најголемиот светски снабдувач на батерии и минерали што се користат за производство на батерии за електрични автомобили, а многу производители на автомобили бараат алтернативи. Хејн рече дека автомобилската индустрија и владите мора да разгледаат други чисти алтернативи за моторите со внатрешно согорување, како што е водородот, бидејќи инфраструктурата за гориво што моментално се развива за камиони е погодна и за автомобили.

Ова не е прво предупредување од Bosch во врска со забрзаната електрификација. Како што веќе пишувавме на нашиот портал, минатата година извршниот директор на компанијата Волкмар Денер ја критикуваше намерата на политичарите да ги забранат моторите со внатрешно согорување. Друг член на одборот на директори на Bosch рече дека компанијата ќе продолжи да инвестира во технологијата за внатрешно согорување во следните 20 до 30 години, според Auto Klub.