Германската технолошка групација Robert Bosch одвои повеќе од 400 милиони евра за инвестиции во производство на микрочипови во Германија и Малезија во следната година за да го ублажи глобалниот недостиг на полупроводници.
Недостигот на чипови за автомобилските компании го наруши производството на возила ширум светот, бидејќи добавувачите речиси целосно се потпираат на чипови од само неколку производители во Азија и САД.
Поголемиот дел од буџетот на Bosch ќе се искористи за побрзо проширување на фабриката во Дрезден, Германија, соопшти компанијата.
Околу 50 милиони евра ќе бидат инвестирани во фабрика во Ројтлинген во близина на Штутгарт, додаваат од Bosch, која произведува автомобилски делови и системи за автоматизација во фабриките.
Друг проект што ќе се финансира е изградбата на постројка за тестирање на полупроводници во Пенанг, Малезија, соопшти компанијата, без да открие колкава ќе биде инвестицијата.
Минатиот месец, Intel, најголемиот производител на компјутерски процесори и центри за податоци, рече дека може да инвестира до 80 милијарди евра во Европа во следната деценија.